Аеродром домаќин на 12. Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Троица“


Општина Аеродром од вечерва е центар на фолклорот и традицијата, со почетокот на 12. Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Троица“, кој ќе трае до 1 јуни во Долно Лисиче. Покрај домашните ансамбли, на сцената ќе настапат и млади фолклористи од Чиле, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија.

Како што соопштуваат од општината, градоначалникот Дејан Митески им посака добредојде на учесниците и гостите, истакнувајќи дека фестивалот претставува одлична можност за промоција на македонската култура и гостопримливост.

Градоначалникот упати благодарност до КУД „Гоце Маркоски“ за долгогодишната посветеност во зачувувањето на фолклорот и културното наследство.

Според организаторите, „Св. Троица“ не е само фестивал, туку платформа за негување на традицијата, македонскиот дух и вредностите што се пренесуваат на младите генерации. Истовремено, настанот овозможува поврзување на различни култури, поттикнување пријателства и градење меѓусебно почитување.

Од Општина Аеродром ги поканија граѓаните да ја проследат богатата програма и да бидат дел од, како што велат, „фолклорната приказна исполнета со музика, игра и традиција“.