Герасимовски за паркирањето: Недозволиво е на еден стан да има четири возила
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа во гостувањето во Дневникот на Сител телевизија говореше за новиот правилник и ценовник на Јавното претпријатие за паркинзи на Општина Центар, истакнувајќи дека целта е подобрување на условите за паркирање, поголем ред и фер пристап за сите жители.
Герасимовски посочи дека Центар е најфреквентната општина во државата, со огромен број возила кои секојдневно доаѓаат и транзитираат низ нејзината територија, но и со сериозен притисок врз паркинг-просторот од самите жители.
„Недозволиво е во еден стан да има три или четири автомобили и потоа да се чудиме зошто нема место за паркирање пред домот. Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило е луксуз. Нема доволно паркинг места за три или четири автомобили по стан“, истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП ПОЦ во соработка со Општина Центар, како и врз основа на бројни средби со граѓаните и нивните забелешки за проблемите со паркирањето.
„Имаме речиси 15.800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6.100 паркинг места. Тоа јасно покажува дека системот мора да се уреди. Во минатото имало злоупотреби, фиктивни адреси, лични карти оставени на адреси во Центар, како и користење на бенефиции без реално живеење во општината“, рече Герасимовски.
Градоначалникот додаде дека со новите правила се штитат жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на својот дом.
„Целта е да обезбедиме еднакви услови за сите жители. Оној граѓанин што има едно возило треба да може да паркира пред својот дом. Секое наредно возило е дополнителен товар врз системот и нормално е да се наплаќа“, посочи Герасимовски.
Тој се осврна и на потребата од одржливост на претпријатието, нагласувајќи дека квалитетната услуга подразбира редовно обележување, одржување, осветлување и контрола на паркинг-просторите.
„Не може за 100 денари годишно да се очекува паркингот да биде обележан, осветлен, одржуван и постојано контролиран. За да имаме добра услуга и подобри услови, мора да имаме одржлив систем“, рече Герасимовски.