Наставник по ликовно во Битола цела година одел на работа без да му кажат дека добил отказ. Држел настава, пишувал оценки
Наставникот Стефан Поповски бил ангажиран во три училишта за да има полн фонд часови. На 29 јануари 2025 година во ОУ „Тодор Ангелевски“ му бил прекинат работниот однос без да му кажат. Кога ја забележал неправдата околу платата му забранија влез во училиштето
БИТОЛА – Наставник по ликовно во Битола цела година одел на работа без да му кажат дека дека добил отказ. Одел на настава до некни кога му ја затвориле вратата. Претходно цела 2025 година досега држел часови, имал пристап до е-дневникот, пишувал оценки, одел на Наставнички совет, се потпишувал за присуство, водел евиденција. Сѐ како што прават и редовно вработените наставници.
Наставникот по ликовно образование Стефан Поповски од Битола цела учебна година одел на работа во подрачно основно училиште во Битолско и без да му се каже дека добил отказ уште лани во јануари, без да знае дека не е на платен список и нема договор за работно ангажирање.
Наставникот ангажиран во три училишта со цел да оформи полн фонд на часови, ниту претпоставувал дека бил тргнат од списокот за исплата на плата од подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола. Во ова училиште одржувал по 4 работи часа неделно (во шесто и осмо одделение), секој ден доаѓал на работа, на настава, се ангажирал не само околу наставата туку и околу училишните активности, праќал деца на натпревари, на ликовни конкурси, добивал награди, цртал мурали, но за жал не знаел дека е отстанет од платниот список на училиштето и сѐ што му следува по закон за работни односи. Тоа го увидел неодамна и реагирал.
„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш веќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа, дојдоа директорката на ОУ ‘Тодор Ангелевски’ Битола и подрачната директорка и ми забранија влез во училиштето. Правдата ќе ја барам на суд, судот нека одлучи, а не молкот“, вели Поповски во разговор за „Независен“ и доставува документи.
Младиот наставник во 2020 година бил ангажиран во три училишта, „Гоце Делчев“, „Коле Канински“ и „Тодор Ангелевски“. Сѐ било регуларно и со согласности од МОН и општината. Но, како се менувале директори во ОУ „Тодор Ангелевски“ Битола, Стефан бил тргнат од платниот список на наставниот кадар без да биде информиран. Училиштето сега му доставува документ за наводен отказ на кој тој не е потпишан, а за да биде симптоматично на документот нема печат ни од бившата директорка, туку само потпис. Со решение за престанок на работен однос бившата директорка напишала дека Стефан Поповски на работа е ангажиран заклучно до 29 јануари 2025 година и не му се продолжува договорот за работа. Меѓутоа Стефан тврди дека вакво решение лани не добил, сега прв пат го гледа и затоа нема потпис од него.
За да биде небулозата поголема, Стефан уредно држи часови во училиштето.
„Јас не знаев дека сум добил отказ, напротив продолжувам да држам часови, имам пристап до е-дневникот, пишувам оценки, одам на Наставнички совет се потпишувам за присуство, водам евиденција, сѐ како што прават и редовно вработените наставници. Одам со децата по натпревари, пред два дена со ученичка добивме награда. Откако си ги побарав правата директорката ми забрани пристап до школото. Сега се прашувам на крај на учебна година сме дали оценките што ги напишав на полугодие се валидни или не за децата?“, прашува младиот Стефан во разговор за„Независен“.
Стефан реагира веќе два месеци до надлежните дека нешто не е во ред со неговата плата и стаж.
„Во подрачното ОУ ‘Тодор Ангелевски’ бев ангажиран подолго време и цело време одев на работа. Платата ми се исплаќаше во проценти помеѓу трите училишта каде што бев ангажиран. На почетокот на учебната година зедов извештај од банката дека ми се исплаќани само 16 наставни часа, наместо 20. Утврдив дека од ‘Тодор Ангелевски’ прекинале да ми исплаќаат плата и стаж. Бев кај благајничката и тогаш ме извести дека не постојам на платен список од 29 јануари 2025 кога директор беше Наташа Швигир и новата директорка Гордана Јоначиќ не ми исплаќала плата и ме избришала од списокот на вработени. Јас одговорно тврдам дека одев на работа како и сите други колеги за што имам сведоци“, вели Поповски.
На 28 април испратил барање до училиштето во кое наведува дека од септември 2025 не прима плата за четири наставни часа неделно, иако е ангажиран.
„За сѐ има доказ јас сум пишан во распоред на часови, Годишната програма на училиштето… и затоа писмено побарав да ми се исплатата ретроактивно платите за целиот изминат период, додатоци на плата и да ми се надомести стажот во спротив ќе се докажам на суд“, вели Стефан.
На ова негово барање од ОУ„Тодор Ангелевски“ Битола добил кус одговор на 6 мај овој месец во која се наведува дека училиштето проверило дека на 29 јануари 2025 година е прекинат работниот однос со решение од истиот датум и толку. Во изјавата на училиштето не стои зошто тогаш Стефан бил на распоред на часови, зошто бил во Годишната програма, зошто водел електронски дневник, зошто пишувал оценки?
Стефан Поповски веќе покренува тужба против училиштето, а за неговиот случај е информирано и ОЈО Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски вели дека треба работите да се остават да одат според процедурите.
„Внимателно ги следам случувањата со наставникот од ОУ ‘Тодор Ангелевски’ кој преку медиуми информираше за неговиот случај со работното ангажирање. Дадов налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите изнесени од страна на наставникот и доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето“, рече Коњановски.
За случајот, „Независен“ побара став и од директорката на ОУ „Тодор Ангелевски“. До објавувањето на текстот не добивме повратен одговор.