Ѓорѓиевски одлучен да го реши проблемот со дивиот премин на Бит-пазар, засега само со политички флоскули


Ќе се реши проблемот со дивиот пешачки премин на Бит-пазар – дециден е скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Како што изјави денеска, има само една алтернатива – или преминот да биде легален во согласност со законот и да се отстрани натпатникот за да се добие сообраќајно решение или натпатникот да стане функционален и да се затвори преминот.

Ѓорѓиевски, кој денеска или за време на викендот ќе има средби со министерот за внатрешни работи и со градоначалникот Изет Меџити, порача дека врвен приоритет е безбедноста на граѓаните, а законите и правилата мора да важат еднакво за сите. 

– Граѓаните сакаат ред во главниот град. Логично е да има одреден отпор, но јас и Градот постапуваме според законот. Јас сум многу упорен и решителен кога станува збор за почитување на законите и правилата, кои треба да важат еднакво за сите. Токму недовербата во институциите ги тераше младите да ја напуштаат државата. Ние треба да создадеме општество во кое сите ќе бидеме рамноправни. Не смее да има повластени – одредена група луѓе, на пример, независно дали се Македонци, Турци, Албанци, Власи… Ќе го решиме проблемот, ќе треба да помогнат и централните институции, нашите служби треба да имаат поддршка од МВР. Ќе разговоарам и со министерот и со градоначалникот Изет Меџити во текот на денешниот ден, во текот на викендов, и верувам дека ќе го решиме проблемот. До мене изминатиот период стигнаа повеќе од стотина барања од граѓани што се загрижени за својата безбедност. Мене, како татко на градот, врвен приоритет треба да ми биде безбедноста на граѓаните и тука нема компромис со никого – изјави Ѓорѓиевски одговорајќи на новинарски прашања пред дебатата „Скопје – европски град на културата 2028: Културното наследство и современата културна динамика“.

Според него, за комоцијата на групата граѓани, кои вчера протестираа, е виновен системот што им дозволил така да функционираат.  

– Нема да си дозволам да носам некого на душа. Таму во близина има факултет, минуваат дечиња и јас со сопургата и детето тука се движам. Знам како е да биде доведен животот во опасност. Секогаш човекот мене ми е на право место, сè друго е споредно – и политиката и парковите. Безбедноста на граѓаните е најважна – потенцира градоначалникот.