Граѓанските организации тврдат дека власта ги „брише“ од законите и им ги „секнува“ фондовите


Фото: Б. Грданоски

Граѓанските организации апелираат до сите пратеници да не ги поддржат предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, со кои од законското решение се бришат граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст како јасно препознаени организации што можат да добиваат средства за работа со ранливи категории.

“Ова не е само техничка измена. Ова е сериозен преседан кој може да има долгорочни последици врз граѓанското општество, заштитата на ранливите категории и демократијата во Северна Македонија. Со децении, граѓанските организации обезбедуваат директна поддршка за лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, стари и изнемоштени лица, деца, млади, жени, Роми и други лица и заедници во ранлива положба. Тие работат на терен, во заедниците, во советувалишта, дневни центри, шелтер-центри и други услуги каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поддршка.

Со предложените измени се отвора ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни, транспарентни и отчетни критериуми, без гаранција дека ќе стигнат до организациите кои имаат искуство, стручност, лиценцирани услуги и директна работа со граѓаните.

Доколку постојат слабости во досегашниот систем на распределба на средствата, решението не е бришење на граѓанските организации од законот. Решението е подобар, потранспарентен и поотчетен систем: јавни повици, јасни критериуми, независна евалуација, редовен мониторинг и објавување на резултатите од финансираните програми.

Затоа, ги повикуваме да пратениците да побараат јавно и јасно образложение од предлагачите на законот: која е причината граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст да се избришат од законското решение?-срои во реакцијата на гражанските организации.

Според нив, бришењето на граѓанскиот сектор од законите е опасен сигнал и отвора прашање дали во Северна Македонија се појавуваат практики кои го стеснуваат просторот за граѓанско дејствување и ја оддалечуваат земјата од демократските стандарди и европскиот пат.

„Демократските држави не го исклучуваат граѓанското општество од системот. Напротив, тие го препознаваат како партнер, коректив и носител на услуги за граѓаните. Европскиот пат на Северна Македонија подразбира транспарентност, јавна расправа, учество на граѓаните во креирањето политики и заштита на независното граѓанско дејствување.

Пратениците имаат одговорност не само да гласаат за законски текстови, туку и да ја заштитат демократијата, јавниот интерес и правата на граѓаните кои најмногу зависат од поддршка. Затоа бараме од пратениците:

  • Да не ги поддржат предложените измени во оваа форма.
  • Да побараат повлекување или измена на предложениот текст, со цел граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст да останат јасно препознаени во законот како организации што можат да добиваат и спроведуваат средства наменети за ранливи категории.
  • Да организираат јавна расправа и консултации со граѓанските организации, мрежите, националните инвалидски организации, организациите што работат со жртви на насилство, Црвениот крст и другите релевантни чинители.
  • Да се заложат за транспарентен и отчетен механизам за распределба на средствата, заснован на јавни повици, јасни критериуми, докажана експертиза, квалитет на услугите и реалните потреби на граѓаните.

Ова прашање не смее да се гледа како партиско прашање. Ова е прашање на демократија, владеење на правото, транспарентност, европски вредности и заштита на најранливите граѓани.

  • Ги повикуваме пратениците да застанат на страната на јавниот интерес.
  • Ги повикуваме пратениците да ја заштитат улогата на граѓанското општество.
  • Ги  повикуваме пратениците да не дозволат граѓанските организации да бидат избришани од законите.
  • Ги  повикуваме пратениците да ја заштитат демократијата во Северна Македонија“, порачуваат граѓанските организации Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија и 
    Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
     
     
     

    .