Вардар се посрамоти пред целата јавност со навредливата песна за Каролина Гочева

Од мизогонија кон потценување: така ФК Вардар ја прослави првата титула по шест години


 

Примитивно и недолично.

Така може да се опише прославата на титулата шампион на Македонија на фудбалскиот клуб Вардар, прва по цели шест години. На социјалните мрежи се појави видео од еуфоричната прослава на фудбалерите, на кое јасно се слуша како тимот хорски пее навредлива навивачка песна насочена кон популарната пејачка Каролина Гочева и градот Битола.

Наместо да ја одбележи прославата на титулата фудбалерите и раководството на Варадар треба да одговараат пред јавноста и пред фудбалската федерација за срамниот чин кој предизвика огромна лавина од реакции.

Реагираа и министерот за спорт Борко Ристевски и ФФМ.

Дополнително масло на огнот долеа и директорот на Вардар, Миленко Неделковски, кој едната мизогонија ја дополни со друга, која го зголеми револтот. Тој формални ѝ се извини на Каролина Гочева, а потоа од нигде никаде ја навреди потпретседателката на македонското Собрание Весна Бендевска. Тој ја нарече вулгарната содржина „стандардна навивачка песна“. Поставувајќи го прашањето „На кого таква песна да пееме? На Весна Бендевска ли?“, Неделковски напиша дека во во Вардар „играат и работат мажи со префинет вкус“.

Инцидентот и скандалозната реакција на директорот отвораат сериозни прашања за вредностите што ги промовира ФК Вардар. Клубот со богата историја и традиција сега се соочува со сериозен удар врз својот кредибилитет. Од тим кој е претставуван како македонски олимп во фудбалот Вардар се претвора во клуб со кој ретко кој сака да се иднетификува.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, јавно го осуди инцидентот и побара ФК Вардар да се извини за постапките.

„Во однос на синоќешните видеоснимки кои се појавија од прославата на ФК Вардар, како Министерство, но и од мое лично име како министер за спорт, сакаме да ја известиме македонската јавност дека недвосмислено го осудуваме ваквиот тип прослави, кои вклучуваат навреди по која било основа, особено доколку во нив се вклучени спортски работници, играчи, селектори и лица од јавниот живот.

Слични случувања имаше и минатата недела во Кавадарци, со политички конотации и навреди кон спортски институции, меѓу кои и ФФМ, а истото сега повторно се повторува. Министерството за спорт најостро ги осудува ваквите провокации и јавно бара чинителите да и се извинат на македонската јавност“.

Со свој став се огласи и Фудбалската федерација на Македонија, која исто така искажа осуда по триумфот на Вардар во Струга.. Од ФФМ најавија дека ќе отворат постапка против клубот, кој може да се соочи и со казна.

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија. ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.

Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг“, велат од ФФМ.

Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.

Инцидентот доби и политички конотации. Владејачката ЗНАМ застана во одбрана на Весна Бендевска, која е нивен член, оценувајќи дека ваквиот говор претставува директен напад врз достоинството на жените и го труе јавниот простор со омраза.

„Тоа е однесување кое е неспоиво со вредностите на спортот, почитта и културата што треба да ги негува еден клуб од рангот на Вардар“, се вели во реакцијата.

Лидерот на партијата Македонски концепт, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, кој едно време беше директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, вулгарностите кон Каролина Гочева ги нарече „младешка фантазија“, но тој не можел да прости што македонска титула се славела со српска музика.