Поранешни директори во ТЕЦ Неготино земале и плата и апанажа
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на Управниот и на Надзорниот одбор на ТЕЦ Неготино, наедно распоредени на директорски позиции во организациони единици во ТЕЦ Неготино.
„По статусната промена и соединувањето на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ-Скопје, по престанок на функциите, како членови на управниот одбор, овие лица останале во работен однос во АД што било незаконски, бидејќи вработувањето во трговските друштва во државна сопственост единствено е преку јавен оглас. Оправдување за таквиот начин на вработување биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот. Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски дгоговори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори. По разгледување на документацијата, ДКСК утврди дека наводите се потврдуваат и согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси, против пријавените лица ќе иницира постапка до надлежен орган“, рече членот на ДКСК, Сервет Демири.
Членовите на ДКСК ја донеле одлуката едногласно.
ДКСК исто така извести дека 43 лица кои се именувани или разрешени во февруари не ја исполниле законската обврска за пријавување на имотната состојба и судир на интересите и за нив ќе биде издаден прекршочен платен налог кој е казнив.