Мостот на „Љубљанска“ до крајот на годината ќе поврзува три населби – никнува и парк крај Лепенец


Мостот на „Љубљанска“ (Фото Б. Грданоски)

Мостото на крајот од улицата „Љубљанска“ е готов повеќе години, но беше во застој неговото поврзување, кое пак сега е во завршна фаза.

На терен се гледа напредокот во неговото поврзување со пешачката патека покрај Вардар, како и продолжените од Карпош, кон Бардовци и Злокуќани. Неговото пуштање во употреба се очекува до крајот на годината.

Сообраќајницата кај Skopje City Mall претходно беше целосно обновена со дислокација на такси-станицата со цел намалување на метежот на овој фреквентен потег.

Засега, делот пред мостот функционира како паркинг простор за возилата, кои се наредени од двете страни на улицата, а по мостот поминува по некој пешак.

„Со силно темпо се одвиваат градежните работи од финалната фаза за поврзување на улицата „Љубљанска“ во Карпош со улицата Скупи преку новиот мост на Вардар, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски“, пред некој ден.

„Проектот кој со години беше во застој, конечно влегува во завршница. Наскоро, овој важен мост на реката Вардар ќе биде ставен во функција и ќе овозможи подобро, побрзо и побезбедно движење за скопјани“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Скопје нема време за застои и за изговори, се работи на откочување на проекти и на интензивирање на теренските активности со цел подобрување на функционалноста на градот, додаде тој.

Мостот почна да се гради во 2021 година, а беше завршен во 2023 година, но остана неповрзан со улици.

Изградбата на мостот чинеше 6,2 милиони евра.

Дополнително од левата страна, почната е изработката на мега-паркот. Израменто е земјитштето кое е ослободено од дивопораснатите растенија. Засадени се повеќегодишни садници, кои редовно рачно се полеваат.

Просторот покрај реката Лепенец со години беше запоставен, а со овој современ парк ќе биде уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира на повеќе од 300.000 квадратни метри, на потегот меѓу Бардовци и Даме Груев, и ќе биде првиот мегапарк што поврзува повеќе скопски општини.

Новата зелена зона ќе нуди простори за рекреација, спорт и семејни активности, а ќе биде дизајнирана така што ќе ги поврзува населбите, парковите и јавните институции преку пешачки и велосипедски патеки.(Б.Б.)

Фото: Б. Грданоски