Мицкоски од Разловци со повик за обединување за националните интереси


Премиерот Христијан Мицкоски од Разловци повика на обединување околу државните и националните интереси. Вели ниту една политичка разлика и лична амбиција не смее да биде поголема од државата.

На прославата по повод 150 години од Разловечкото востание, Мицкоски рече дека нашата држава најмногу страдала кога однатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата.

-Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние што лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние што пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати им даваат подароци и отстапки на оние што не ѝ мислат добро на државата, рече Мицкоски.

Во говорот Мицкоски со порака дека историјата нѐ научила дека државата не се губи одеднаш, туку чекор по чекор.

– Затоа денес нашата обврска е да бидеме мудри, да бидеме будни и да не дозволиме никој повторно да ја продава како евтина политичка монета, рече Мицкоски.