Аларм поради се почестото вклучување на контроверзниот „Родителски фронт“ во јавните расправи


Мрежата за заштита од дискриминација изразува загриженост од сè почестото вклучување на контроверзното здружение „Родителски фронт“ од Струмица како соговорник во собраниски јавни расправи и институционални процеси.

-Од почетокот на годината претставници на ова здружение беа поканети во најмалку два наврати на собраниски дебати: јавната расправа за измените на Кривичниот законик и јавната расправа за влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје, организирана во рамки на Собранискиот клуб за младински прашања. Сметаме дека ваквиот пристап не е само техничко отворање простор за граѓански организации, туку институционално легитимирање на актер чиј јавен дискурс е длабоко проблематичен.

„Родителски фронт“ како здружение со конзервативни ставови има право на свој глас и ангажман и ние тоа апсолутно го поддржуваме. Но, нивните јавни објави и настапи покажуваат јасен образец на анти-ЕУ реторика, ширење морална паника, теории на заговор и дезинформации, особено во однос на родовата еднаквост, ЛГБТИК+ правата, сеопфатното сексуално образование, работата на граѓанските организации и улогата на меѓународните институции. Во нивната комуникација, Европската Унија, УНИЦЕФ, Светска банка, медиуми и организации за човекови права се претставуваат како носители на „странска агенда“, „идеолошки инженеринг“ и „закана“ за децата, семејството и државата.

Дополнително, ова здружение континуирано ги напаѓа професионалните и академските институции, вклучително и Катедрата за родови студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. „Родителски фронт“ се поставува како арбитар над професионалците, експертите и институциите. Таквиот пристап е особено опасен кога здружението добива простор во Собранието како релевантен партнер за прашања што бараат стручност, докази и интердисциплинарно знаење.

Особено загрижува што нивниот дискурс не придонесува кон информирана јавна дебата, туку произведува општествена поларизација. Наместо аргументи засновани на докази, се користи јазик на страв, сомнеж и непријателство: граѓанските организации се претставуваат како „странски агенти“, родовата еднаквост како „отров“ или „индоктринација“, а институциите што соработуваат со меѓународни партнери како извршители на туѓи интереси. Ова ја поткопува довербата во демократските институции, експертизата, академската автономија и јавните политики засновани на човекови права.

Затоа сметаме дека Собранието и другите институции мора да направат јасна разлика меѓу демократско учество во јавна расправа и легитимирање на актери кои активно шират дезинформации, морална паника, теории на заговор, анти-ЕУ наративи и напади врз академската и професионалната експертиза. Во услови на зголемено насилство врз жени и девојчиња, говор на омраза, врсничко насилство и дигитално вознемирување, институциите имаат обврска да соработуваат со актери кои придонесуваат кон превенција, заштита и социјална кохезија, а не со актери кои ја продлабочуваат недовербата и поделбите.

Бараме од Собранието и релевантните институции да воспостават јасни критериуми за учество на граѓански организации во јавни расправи, особено кога се дискутира за деца, млади, образование, ментално здравје, насилство, родова еднаквост и човекови права. Таквите процеси мора да се темелат на докази, професионална експертиза, академска автономија, човекови права и недискриминација, стои во реакцијата.