Македонските затвори умерено пренатрупани, земјата меѓу водечките по должина на изречените казни

Според извештајот на Советот на Европа, Македонија има 146 затвореници на 100.000 жители


Македонија се наоѓа во групата земји со умерено пренатрупани затвори, каде што се бележат 104 затвореници на 100 расположливи места, а истовремено е меѓу европските држави со најдолг просечен период на издржување затворска казна, кој изнесува 18 месеци. Ова го покажуваат податоците од денеска објавената годишна статистика на Советот на Европа за затворската популација (SPACE I) за 2025 година, која укажува на сериозен глобален тренд на пренатрупаност во европските затвори, како и на сè поголем процент на постари лица и жени меѓу затворениците.

Според извештајот, Македонија има 146 затвореници на 100.000 жители. Во однос на должината на затворската казна, европскиот просек изнесува 8,8 месеци, но Македонија со просечни 18 месеци лишување од слобода се наоѓа во самиот врв во Европа зад Украина (39 месеци), Азербејџан (36), Португалија (31), Романија (24), Естонија (21) и Шпанија (20).

На пошироко европско ниво, бројот на затвореници на 100 расположливи места пораснал од 94,7 на 95,2 меѓу 31 јануари 2024 и 31 јануари 2025 година. Во групата на Македонија со умерена пренатрупаност се и Финска (110), Грција (108) и Шведска (103).

Сериозна пренатрупаност (над 100 затвореници на 100 места) е забележана во 14 затворски системи во земји со над 500.000 жители. Најкритична е состојбата во Турција и Франција (по 131 затвореник на 100 места) по што следуваат Хрватска (123), Италија (121), Малта (118), Кипар (117), Унгарија (115), Белгија (114) и Ирска (112).

Од регионот Србија е во групата каде што затворите се блиску до полн капацитет со 96 затвореници на 100 места, но е десетта во Европа по стапка на затворање (174 на 100.000 жители) и предничи по процентот на затвореници постари од 65 години. Црна Гора бележи висок скок на стапката на затворање од 22 отсто и е петта во Европа со 200 затвореници на 100.000 жители, а Албанија е шеста со 192 затвореници.

Извештајот SPACE I покажува дека на 31 јануари 2025 година во притвор и во затвор се наоѓале вкупно 1.107.921 лице во 51 затворска управа на земјите членки на Советот на Европа. Секој четврти затвореник во Европа бил во притвор пред судење, при што највисок удел на предсудски притвореници имаат Албанија (62 отсто) и Црна Гора (53 отсто).

Како посебен предизвик во европските затвори се наведува стареењето на затворската популација. Просечната возраст на затворениците е 39 години. Најстари се затворениците во Италија и Португалија (просек 42 години) по што следуваат Црна Гора, Србија и Естонија со просек од 41 година. Во однос на затворениците постари од 65 години, предничи Хрватска со 10,8 отсто пред Србија со 7,2 отсто.

Уделот на жените во затворите исто така бележи раст и изнесува 5,2 отсто на европско ниво. Најмногу жени затворенички има во Унгарија (8,8 отсто) и Чешка (8,6 отсто). Забележителен е и процентот на странски државјани во европските затвори, кој изнесува 17 отсто, најмногу странци има во Луксембург, Швајцарија и Кипар, а Словенија е петта со 52 отсто странци меѓу затворениците.

Најчеста причина за издржување затворска казна во Европа и понатаму се кривичните дела поврзани со дрога (17,3 отсто) и кражбите (12,1 отсто). Секој трет осуденик издржува казна за насилни кривични дела, вклучувајќи убиство (10,9 отсто). Статистиката бележи и самоубиства, каде што медијалната стапка е 6,9 самоубиства на 10.000 затвореници, а највисока е во Литванија (29,2) и Данска (19,1).

Истражувањето SPACE се спроведува секоја година од страна на Универзитетот во Лозана за потребите на Советот на Европа. Извештајот SPACE I собира податоци директно од затворските управи, а SPACE II е фокусиран на лицата што се под условен надзор (пробација).