Шпионски скандал во кабинетот на Сиљановска, открива „Слободен печат“
Голем шпионски скандал со геополитички димензии го тресе Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори предистрага по индиции за извлекување, копирање и тајно шифрирање на доверливи државни податоци наменети за странски разузнавачки служби, открива „Слободен печат“.
Според медиумот вВо фокусот на истрагата е ИТ администратор од Кабинетот, а случајот ескалира во институционална војна поради сомнежи дека МВР свесно кочи доставување докази и снимки од видео-надзорот.
„До нашата редакција стигна анонимна кривична пријава што била поднесена и до Обвинителството, потпишана од „група вработени во МВР“, според која, се копирале и енкриптирале, односно се шифрирале податоци во таен код, наводно за да завршат кај странски разузнавачки служби.Според информациите наведени во пријавата, под сомнение е ИТ-администратор во Кабинетот на претседателката, кој наводно копирал, енкриптирал и складирал доверливи податоци и бил поврзан со разузнавачката служба. Во пријавата се споменуваат и други функционери од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои имало сомнежи дека можеби учествувале во прикривање на доказите, па дури и високи владини функционери кои наводно ургирале кај претседателката и кај обвинителката да го затворат случајот.
Потпишаните на пријавата бараат отворање на постапка со друг обвинител, форензичко вештачење на сите електронски уреди, сервери, телефони и медиуми користени од лицата, прибирање на видеонадзор, логови, ВПН-записи, електронска комуникација и пристапни листи, проверка на евентуално компромитирани класифицирани информации и НАТО-комуникации“’, пишува „Слободен печат“ кој побарал потврда од .
„Слободен печат“ се обрати д Кабинетот на претседателката за пријавата и информациите во неа, но одговор не добил.
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го коментираше пишувањето за шпионскиот скандал оценувајќи дека тој „отвора сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата пред меѓународните партнери“ . Според него, претседателот на државата е институција од највисок безбедносен ранг, особено поради членството на Македонија во НАТО Алијансата, каде што циркулираат исклучително сензитивни податоци кои по никоја цена не смеат да допрат до јавноста или до странски разузнавачки служби.
Спасовски посочи дека македонските институции имаат професионален капацитет да се справат со ваквите предизвици, но го отвори прашањето дали државата во моментов ја водат вистинските луѓе.
„Прашањето е дали вистинските луѓе се на вистинските места и дали се цени професионалноста во однос на заштитата на уставниот поредок. Граѓаните знаат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата, имаме сериозни проблеми од овој аспект“, рече Спасовски, правејќи паралела со масовното нелегално прислушување до 2016 година во времето на владеењето на Никола Груевски. Спасовски појасни дека токму големата афера со прислушувањето била основата за темелните реформи со кои се формираше Оперативно-техничката агенција (ОТА), со цел целосно да се елиминира можноста за партиски пазарење со безбедносниот систем.
„Како беше претходно: МВР ги поседуваше медијациските уреди, имаше директен пристап до сите телеком-оператори и телефоните се прислушуваа за потребите на политичките елити, а не за безбедноста на државата. Како е сега: ОТА функционира како неутрален мост помеѓу операторите и органите за спроведување на законот (МВР, Царина, Финансиска полиција и АНБ). Системот не дека не може да биде злоупотребен, но шансите сега се многу помали бидејќи ОТА гарантира дека никој нема директен пристап до телеком-операторите“, рече поранешниот прв полицаец.
Спасовски изрази загриженост и за неодамнешните изјави на актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој спомена дека МВР поседува или планира да користи специјални уреди за директен пристап до телефоните на граѓаните, под изговор за превенција од криминал.
„Не знам дали е тоа несреќно дадена изјава или навистина нешто се подготвува. Но, законот е многу јасен: какви било технички уреди за следење на комуникациите надвор од ОТА може да ги поседува единствено Јавното обвинителство, и тоа исклучиво со наредба на надлежен судија. Сè друго е надвор од законските рамки“, заклучи Спасовски.