СДСМ контра Сиљановска: Со празна реторика се слабее позицијата на Македонија
Опозициската СДСМ реагираше на предавањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Словенија, оценувајќи го нејзиното излагање како неуспех на меѓународен план. Според партијата, наместо да се искористи приликата за потврда на стратешките цели, со изнесените ставови директно се загрозува иднината на државата.
Во соопштението се нагласува потребата од недвосмислено прифаќање на преземените меѓународни обврски.
„Наместо јасно и недвосмислено да ја потврди европската обврска и да каже дека внесувањето на малцинствата во Уставот е патот за заштита на македонскиот идентитет и јазик, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Словенија продолжува со празна реторика со која само ја слабее позицијата на Македонија. Прво ќе беше поодветно да каже дека преговарачката рамка за влез во ЕУ – од која е дел и францускиот предлог – дури повеќе од Преспанскиот договор го осигурува македонскиот идентитет како посебен народ и македонскиот јазик како негова клучна одредница. Тоа се постигнува токму со внесување на бугарското малцинство во Уставот на Македонија.“
Дополнително, од СДСМ упатија стручни забелешки за начинот на кој претседателката ги елаборираше македонските уставни решенија пред странската јавност.
„Второ, Сиљановска во Словенија раскажува како македонскиот Устав предвидува права на малцинствата „општо“, за разлика од уставите на други земји. Но, тоа е празна реторика. Уставот и правниот систем ефективно ги препознаваат и реализираат правата само на оние малцинства кои се наведени во неговата Преамбула… Разочарувачки слабо толкување на правата на малцинствата и на македонскиот Устав од страна на професорката по уставно право. Со ова се слабее македонската позиција пред Европа и се даваат аргументи на оние кои сакаат да ја блокираат нашата европска иднина.“
Партиската реакција завршува со тврдење дека темата за малцинствата се користи за внатрешна пропаганда и за заштита на владејачката структура, со порака дека уставните измени се единственото решение за напредок.