Сиљановска до бугарски амбасадор: За разлика од вас, ние им гарантираме права на сите малцинства


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека и без експлицитно споменување на Бугарите во македонскиот Устав, нивните права се гарантирани на исто ниво, како и правата на другите заедници наведени во највисокиот правен акт. Во одговор на прашање од бугарскиот амбасадор во Словенија, Красимир Бојанов, по предавањето на Правен факултет при Универзитетот во Љубљана на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“, таа рече дека Северна Македонија гарантира пошироки малцински права од дел од земјите членки на Европска Унија.За разлика од нас, според Сиљановска-Давкова, Бугарија не гарантира права на малцинствата во посебен член во уставот, туку само член за забрана на било каков вид дискриминација по било кој основ.

„ЕУ нема заедничка политика за правата на малцинствата и не е дел од таканареченото acquis communautaire. На пример, Франција и Грција се држави кои дури и не ја потпишаа конвенцијата за правата на малцинствата, ниту конвенцијата за регионални и локални јазици. Повеќето членки на ЕУ немаат ниту еден збор за правата на малцинствата во своите устави. Во вашиот Устав нема гаранција за правата на малцинствата. Имате за ова само во член 6, клаузула за антидискриминација која вели дека секој граѓанин е еднаков, без разлика на пол, раса или етничка и национална малцинска припадност“,
му одговори таа на бугарскиот амбасадор во Словенија.Доколку прашањето се анализира од аспект на човековите права и слободи, како што рече, тие во Северна Македонија се гарантирани за сите граѓани, без разлика дали одредена заедница е експлицитно наведена во Уставот.

Според неа, за разлика од тоа, правата на Македонците во Бугарија не се почитуваат.Посочи дека против Бугарија постојат повеќе пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, кои, како што рече, не се спроведуваат.

„Има повеќе од 20 пресуди од страна на Судот во Стразбур против Бугарија, во моментов 14 пресуди. И како професор, имам прашање: каков суд е тоа ако неговите пресуди не се релевантни за секоја држава? А Бугарија одбива да ги спроведе. Минатиот месец или пред два месеци, Комитетот за заштита на правата во Обединетите нации, исто така, донесе одлука во која се бара од Бугарија, односно од Апелацискиот суд да дозволи mакедонско здружение за некои културни прашања да биде признаено. Во 2008 година, Венецијанската комисија издаде мислење за бугарскиот Устав, препорачувајќи ѝ на Бугарија да гарантира минимални права на малцинствата, бидејќи, вие, исто така во вашиот Устав, ги забранувате партиите врз основа на етнички и религиозни критериуми. Тоа е вашиот уставен пристап и немам намера да се мешам во ова, но во случајот во 2021 година, повторно Венецијанската комисија издаде мислење за законот за употреба на јазиците во мојата земја, велејќи дека стандардите се над европските стандарди во заштитата на правата на малцинствата“,кажа таа во одговорот до бугарскиот амбасадор, Бојанов.

Сиљановска-Давкова оцени дека разликите во односот кон малцинските права може јасно да се согледаат доколку се споредат документите и мислењата на Венецијанска комисија за двете држави.

„Значи, меѓу другото, на Бугарите им се гарантирани и им се дадени малцински права“,вели претседателката.

Како едно од можните решенија за спорот со Бугарија, ја посочи можноста евентуалните уставни измени да бидат последни и да стапат во сила по завршувањето на преговорите со Европска Унија. Според неа, постои можност една третина од земјите членки да побараат од Европски совет одземање на правото на глас на земја членка доколку ги прекрши принципите и вредностите на Унијата.