Спасовски: Сите партиии во Македонија страдаат од клиентелизам


Екс министерот за внатрешни работи во времето на СДСМ, Оливер Спасовски, во емисија на 4ТВ оцени дека опозициската партија направила сериозни пропусти – од кадровската политика, па сè до неисполнетите очекувања за правда и длабоки реформи во правосудството – поради што ги изгуби изборите.

„Некој ќе рече дека фактор беше коалицискиот партнер, и тоа е точно. Но мислам дека и самите ние, преку кадровската политика и одредени одлуки кои се носеа, влијаевме на ваквиот исход. Најмногу фалеше правда, поголема реформа во правосудниот систем и поинаков начин на функционирање. Граѓаните го очекуваа тоа по рушењето на претходниот режим, а големите очекувања секогаш резултираат со големи разочарувања“, изјави Спасовски.

Оцени дека проблемот не е само кај една политичка структура, туку во целиот политички систем во Македонија, кој со години функционира врз основа на клиентелизам и партиски интереси.

„Сите партии, без исклучок, страдаат од истата болест – клиентелизам. Се решаваат проблеми на поединци, се пазари со вработувања, се договара кој на која функција ќе седне. Тоа носи краткорочни политички поени, но долгорочно ја уништува државата“, рече Спасовски.

Според него, најголемиот дел од граѓаните не се партиски определени и токму тие го носат конечниот суд на изборите. Потенцираше дека државата мора конечно да престане да функционира како механизам за задоволување на теснопартиски интереси.

Во интервјуто Спасовски исто така зборуваше за судењето околу дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според него, начинот на кој се води истрагата и судската постапка за трагичниот случај со дискотеката „Пулс“ отвора сериозни сомнежи за капацитетот на Обвинителството и може да донесе дополнително разочарување и неправда.Спасовски предупредува дека со ставањето на сите можни пропусти и поранешни функционери „на куп“ во едно исто дело, власта и правосудните органи ризикуваат да направат огромна штета на државата и на самиот концепт за одговорност.

Поранешниот министер потенцираше дека одговорноста за кобната ноќ мора да се лоцира строго кај оние фактори кои имаат директна причинско-последична врска со трагедијата, а не да се бараат виновници со години наназад за да се смири револтот на јавноста, објави 4news.mk

„Дали може градоначалници кои биле на функција во 2012 или 2017 година да носат каква било одговорност за тоа што се случило во 2025 година? Дали инспекторите од минатото можат да одговараат за пожарот што настанал сега? Мора да има каузалитет и јасен тек кој ќе гарантира правда. Се плашам дека целиот овој случај е креиран само за да се задоволи јавноста, а според досегашните постапки, мислам дека Обвинителството ќе има сериозен проблем со докажувањето пред судот“, изјави Спасовски.

Тој додаде дека најголемата болка од ваквиот пристап ќе ја почувствуваат семејствата на жртвите и повредените, кои очекуваат вистински одговори и одговорност од вистинските виновници.