Албанскиот амбасадор во Македонија наводно пред повлекување?
Амбасадорот на Албанија во Северна Македонија, Денјон Меидани, би можел предвреме да ја заврши својата дипломатска мисија во Скопје, објави албанската телевизија A2 CNN, повикувајќи се на извори од Скопје и од албанското Министерство за надворешни работи.
Според информациите, причините за евентуалното повлекување се поврзуваат со незадоволство во коалицијата ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ поради ставовите на Меидани во дебатите околу правата на Албанците во Северна Македонија, особено во врска со прашањето за употребата на албанскиот јазик.Телевизијата наведува дека Меидани јавно покажал поддршка за албанските студенти и за барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
Според истите извори, се разгледува можноста Меидани да биде именуван за амбасадор на Албанија во Косово, додека како можен нов амбасадор во Северна Македонија се споменува Петрит Малај.
Информациите засега не се официјално потврдени ниту од албанското Министерство за надворешни работи ниту од институциите во Скопје. Случајот доаѓа во период на зголемени политички и етнички тензии поврзани со барањата за поширока употреба на албанскиот јазик во правосудниот систем, прашање кое предизвика протести и остри реакции меѓу политичките партии во земјата.
Преку социјалните мрежи албански новинари му даваат поддршка на албасадорот за изјавите и го слават како херој, наспроти реакции на обични граѓани кои во неговите настапи гледаат пристрасност кон ДУИ и недипломатско однесување. Новинарот Фуркан Салиу дури објави официјална петиција упатена до премиерот Еди Рама и министерот за надворешни работи Ферит Хоџа.
Мирјана Најчевска пак повика Македонија да ја ратификува конвенцијата за малцински јазици и со прифаѓање на меѓународните стандарди да им стави крај на ваквите манипулации со неправди.