Одржани серија работилници за изработка на Националниот инвентар на јавни згради, „скенирани“ 2000 јавни објекти
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со процесот на собирање податоци за изработка на Националниот инвентар на јавни згради, се наведува во соопштението од Министерството што МИА го пренесува во интегрална форма.
Досега се собрани податоци за 2000 јавни објекти, кои беа обработени низ призма на енергетска ефикасност.
Преку работилници во сите плански региони, со вклучување на сите единици на локалната самоуправа, процесот има за цел да обезбеди заедничко разбирање за значењето на инвентарот, начинот на собирање и обработка на податоците, како и улогата на институциите во обезбедувањето точни, навремени и споредливи информации.
Процесот е особено важен за исполнување на националните цели за енергетска ефикасност и климатска акција, како дел од обврските кои земјава ги има согласно Парискиот договор, Софиската декларација и членството во Енергетската заедница.
Инвентарот ќе биде основа и за планирање на обновата на јавните згради, вклучително и за исполнување на целта за реновирање на 3% од јавните згради годишно.
Процесот почна во ноември лани, кога највија дека Националниот инвентар ќе биде клучна алатка за идните инвестиции.
Јавните згради – болниците, училиштата, административните објекти и културните институции – се меѓу најголемите потрошувачи на енергија во државата.
Промената во управувањето со овие згради е неопходна, бидејќи јавниот сектор има обврска да го покаже патот: да биде пример за рационално, одржливо и одговорно користење на енергијата.
Националниот инвентар ќе овозможи:
- систематска процена на енергетската состојба на секоја јавна зграда,
- дефинирање приоритети за реновирање,
- изработка на инвестиционо портфолио,
- поефикасно буџетско планирање,
- подобрени услуги за граѓаните.
Овој процес е дел од проектот Партнерство за енергетска ефикасност на згради (PEEB Cool), финансиран од Зелениот климатски фонд, Француската агенција за развој (AFD) и Германската влада преку GIZ.