Штетите од ланското невреме во Општина Василево проценети на околу 550.000 евра
Советот на Општина Василево денеска на вонредна седница усвои Елаборат за проценка на штетата од елементарна непогода – ниски температури проследени со снег и слана на 18, 19 и 20 март лани. Истиот елаборат беше усвоен на вонредна седницата на 9 март годинава, но, како што соопшти општината, заради технички причини е вратен на корекција од страна на повисоките органи на одлучување во Владата.
Според податоците од Елаборатот, невремето направило штета во речиси сите населени места во општината, односно во Ангелци, Василево, Владиевци, Градошорци, Добрашинци, Дукатино, Едрениково, Нова Маала, Пиперево, Радичево, Седларци, Сушево и Чанаклија на вкупна површина од над 125 хектари посеани со различни култури.
Од страна на комисиите за процена на штета, по извршената теренска анализа и обработката на податоците, утврдена е вкупна штета во висина од 34.075.979 денари, односно околу 550.000 евра.
Од страна на општинската администрација, елаборатот ќе биде доставен до повисоките инстанци на одлучување при Владата кои го имаат одлучувачкиот збор во однос на процентот на обесштетување на земјоделците.