Рубин Земон поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ по забелешките за Гоце Делчев
Една контроверзна изјава и една контроверзна средба беа преголем товар за Рубин Земон, кој неодамна беше избран за член на Извршниот одбор на СДСМ, и мораше да се повлече од оваа функција. На својот Фејсбук профил Земон напиша дека оставката ја поднесува за да го заштити угледот на СДСМ.
„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам товар на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член ИО на СДСМ“, напиша Земон. Тој е претставник на Египќаните и беше избран во ИО на СДСМ на крајот на март.
Претходно, Бугаринот Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата „Македонија“, кој има доживотна забрана за влез во Македонија, објави на Фејсбук фотографија и информација за средба со Земон.
„На неофицијална средба со Рубин Земон, дел од раководството на опозицискиот СДСМ и претставник на Египќаните во Македонија. На режимот на Мицкоски ќе му се спротивстават мнозинството граѓани на државата, а ние од Европската унија ќе им дадеме поддршка: во име на европската иднина на Македонија и децата таму“, напиша Стојанов во објавата. Објавата за кратко време беше тргната, но македонските медиуми ја снимија и објавија за средбата.
Земон рече дека средбата со луѓето од фондацијата била случајна, а тој отпрво не знаел за кои луѓе станува збор.
„Со мојот син седевме во трговски центар во Софија кога ми пријдоа луѓето, ми кажаа дека ме препознале кој сум и прашаа дали може да седнат со нас на кафе и да направат фотографија. Првично не знаев дека станува збор за луѓе од фондацијата. Кратко поразговаравме за случувањата во двете земји и тоа беше сѐ“, објави Земон.
Земон пред три недели изјави дека „Гоце Делчев ништо не напишал во животот, ниедна битка не извојувал никаде, а кај нас од него е направен мит“. По жестоките реакции во јавноста, Земон се извини, тврдејќи дека бил погрешно разбран.