Донирани три возила за ТППЕ Куманово


Територијалната противпожарна единица Куманово доби донација од три противпожарни возила, со кои ќе располагаат кумановските пожарникари, соопштија денеска надлежните. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски информираше дека претставници од ТППЕ Куманово и од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) претходно учествувале на петдневна обука во покраинската област Тирол во Австрија, каде посетиле практична едукација за справување со пожари на отворен простор и спасување лица од височина.

Учесниците на обуката стекнале нови знаења и вештини кои ќе бидат пренесени и на останатите вработени во ТППЕ Куманово. Воедно, тие имале можност да се запознаат со функционирањето на противпожарниот систем во Австрија, како и со начинот на работа на доброволните противпожарни друштва. Од Општина Куманово информираат дека донацијата на трите возила ќе придонесе за подобрување на капацитетите и подготвеноста на противпожарната единица при интервенции и справување со пожари.