Сиљановска, Хоџа, Лашкоска, Памер и Ѓорѓиевски чистеа зад Владата – поддржаа „Генералка викенд“
До кога ќе ни треба „Генералка викенд“? Генералка викенд, да стане генералка во годината, секој од нас, пред да оди на работа да си исчисти околу себе
Повеќе од 1.000 млади, волонтери од земјава, но и од странство, ученици, вработени во јавните градски претпријатија, утрово од зад Владата на кејот на Вардар почнаа да го собираат ѓубрето како дел од акцијата „Генералка викенд“, што ќе трае во следните три дена.
Неколкуте нивоа на кејот на Вардар, барем во тој дел, изгледаа прилично чисто, за наши услови, но тие најдоа по некој опушок, ситно хартивче или тапа, ги навлекоа ракавиците на рацете, зедоа по една жилта или црна вреќа и тргнаа во поход, во битка со отпадот по течението на Вардар.

Бидејќи, тридневната акција почна од таму, на волонтерите им се придружија претседателката Гордана Сиљановска, министерот за животна средина Муамет Хоџа и неговата заменичка Лашкоска, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски…
– Французите имаат еден филозоф, се вика Мишел Сера којшто го напиша делото „Природен договор“. Во него вели дека мора да склучиме пријателски договор со планетата Земја и да ја третираме како рамноправен партнер. Целосно се согласувам со него. За жал, човештвото влезе во војна со планетата, во војна со билките и со животните, а дури и во Библијата тие се појавија први, а ние правниците велиме кој е постар има посилно право. Го заборавивме тоа. И однапред, не само што ја губиме битката со планетата туку и трчаме кон суицид – порача претседателката Сиљановска.

Таа изрази благодарност до организаторите и повика генералка викенд, да стане генералка во годината, односно секој од нас, пред да оди на работа или на пауза од работа да си исчисти околу себе, со што ќе „ги имитираме Јапонците, тие зачистуваат таму каде што живеат, а кога се овде дури и околу нашите згради, а потем одат на работа.“

– Ова мора да стане филозофија на животот – потенцира Сиљановска која го повика градоначалникот Ѓорѓиевски да го раззелени Скопје.
– Овде зад мене е градоначалникот на Скопје, и јас посакувам да го следи примерот на градоначалничката на Париз, Ен Идалго, којашто некои париски улици трансформира во зелени површини. Скопје треба да озелени, ама претходно треба да го исчистиме – додаде таа.
Градоначалниот на Скопје, Ѓорѓиевски пак, вели дека јавните претпријатија на Градот, кои се задолжени за одржување на градската хигиена полека се консолидираат и дека резултатите ќе бидат видливи.

– Ние што живееме во градот Скопје, треба да се грижиме за Градот Скопје, како што тоа го правиме во сопствените куќи, станови, којшто се наша сопственост и градот е наша сопственост. Треба свеста на сите малку повеќе да работи. Имаме преубава држава и преубав град којшто треба да ги чуваме и негуваме и да ги раззеленуваме – рече Ѓорѓиевски.
Најави акција на јавните претпријатија, во којашто ќе се вклучат и јавни личности за подигање на свеста за третман на животната средина.
За амбасадорот на Аввстрија, Мартин Памер, „Генералка“ е импресивен македонски бренд.
– Илјадници посветени волонтери насекаде во земјата се вклучуваат и чистат и се грижат за животна средина. Нека оваа акција на граѓанството придонесе колку пшто е можно повеќе кон годишно отстранување на отпадот и дивите депонии, вели Памер, кој откако живее во Скопје, редовно учествува на овој настан.

– Генералка викенд веќе неколку години покажува дека кога се обединети граѓаните, институциите и приватниот сектор, промената е видлива и конкретна. МЖСПП секогаш ќе ги поддржува ваквите акции. Имаме обврска за градење систем што поефикасно ги решава отпадот и затоа сме целосно посветени за воспоставување на регионалниот систе за современо управување со отпад – рече министерот за животна средина Хоџа.
Официјално отворање на шестатата еко-акција Генералка викенд
По изјавите продолжија по кејот кон плоштадот „Македонија“ па собираа ситни ѓубренца од тревникот зад Владата, а пред и по нив истото го правеа и младите волонтери.

Денеска, барем тој дел на Скопје, ќе биде исчистен, а дали по „Генералка викендот“, ќе успееме да ја задржиме чистотата, останува на нашата свест и на ажурноста на надлежните.
На Скопје му е потребен „Генералка викенд“, не може да е чисто по 72 часа