На Скопје му е потребен „Генералка викенд“, не може да е чисто по 72 часа
На 8, 9 и 10 мај низ целата држава ќе се одржи шестото издание на најмасовната еколошка акција „Генералка викенд“, која и годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери во обид за чистење на јавните површини и подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Акцијата ќе се реализира истовремено на повеќе од 500 локации во околу 80 општини, со вклучување на над 600 организации, институции и компании, што ја прави најголема логистичка операција од ваков тип во земјава.
За утре наутро во 9 часот, најавен е почетокто на акцијата во Скопје, каде пак ќе присуствува и претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, но и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. истиот оној, кој направи своевидна „генералка“ по локалните избори, за да го одржи ветувањето дека Скопје ќе го исчисти за 72 часа, а во тоа му помогнаа „општествено одговорни компании“, но и градоначалници од други градови кои испратија механизација и луѓе, на паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“.
Тоа беше во ноември.
Сега, шест месеци подоцна, ниту еден жител на Скопје, ниту оние кои повремено доаѓаат во главниот град не можат да ја видат разликата во чистотата на метрополата, макар само прошетале низ центарот.
Кантите за отпадоци се преполни, контејнерите исто така. Без разлика што беше донесен правилник кој вели не смеете да фрлате ѓубре во контејнер по 23 чаасот навечер, сепак, покрај речиси сите контејнери во Скопје пак се наоѓаат прозорци, мебел и делови од мебел, сменет инвентар од купатила и секако, купови гранки, а по тревниците остатоците од искосената трева…
Дел од оваа слика на Скопје ја прават самите жители, а за дел се виновни надлежните. Оние кои не си ја собираат тревата што ја косат; оние кои косат еден тревник, а тој до него не, оние кои сечат гранки, ги фрлаат на куп, во некое ќоше од тревникот, а никој не доаѓа да ги собере, оние кои немаат наредба почесто да ги празнат контејнерите, оние кои немаат обврска да ги обноват искршените канти и садови за отпадоци – листата е долга.
За попериферните населби не мора ни да се зборува. Таму ситуацијата е уште позагрижувачка.
Ништо поразлично не е ни во другите градови низ Македонија, па добро е што „генералка викенд“ не се однесува само на главниот град, туку на целата држава. Значи следните три дена (од кои за утре е најавено дека ќе има пообилни дождови) може да очекуваме храброст од овие 100.000 волонтери, кои ќе се растрчаат по скопскиот кеј (таму закјакнати и со претседателката и со градоначалникот), по улиците, училишните дворови, по тревниците, по околните излетнички места, по Водно, по Шар Планина, Маврово, околу Охридското Езеро, на Маркови Кули, ќе се чисти Преспа, Дојран, ќе се фотографираат сите во исти маички, насмеани, со вреќите ѓубре, спремни со ракавици. Градовите, односно општинските комунални претпријатија ќе ги соберат полните вреќи, ќе ги однесат на депониите (само „Дрисла“ официјална), ќе изнесат бројки можеби и за количината собрано ѓубре (дискутабилна бројка затоа што отпадот се мери сосе возило, а потоа се одзема неговата тежина) и во понеделник акцијата ќе биде завршена. Дали градовите ќе ни се почисти? Се сомневам!
Добро е што организаторите на „Генералка викенд“ се свесни за проблемот што го имаме, па велат дека „Генералка викенд“ веќе прераснува во национална традиција која обединува граѓани од различни општествени сфери околу заедничка цел, почиста животна средина.
Активностите ќе бидат координирани од општините во соработка со Црвениот крст, а покрај масовното чистење, акцијата има и силна едукативна компонента, насочена кон развој на одговорен однос кон отпадот и природата.
Паралелно со теренските активности, во училиштата ќе се спроведува и еко-образовната програма „Еко час“, во соработка со Министерството за образование и УНИЦЕФ, со цел едукација на најмладите за значењето на заштитата на животната средина.
Е сега, кој ќе се едуцира, кој ќе сфати, кој ќе се инспирира, останува да видиме, затоа што и двајцата иницијатори на ваквата акција веќе се разочарани од фрленото ѓубре веќе следниот ден, на местата каде се исчистило.
Приказната за „Генералка викенд“ не почнува како голем проект со институционална тежина, туку како едноставна, речиси интимна реакција на Гордана Софија и Ханес Јекл кои повеќе не сакале да гледаат како нивната околина тоне во отпад. Во основата на нивната идеја е дека промената не мора да дојде „од горе“, туку може да започне од обичните луѓе од соседството, од викенд-акција, од неколкумина што ќе решат да направат нешто конкретно наместо само да негодуваат.
„Во првата година соработувавме со 10 општини кои мотивираа 1.000 волонтери да чистат низ градовите и селата. Имавме 26.000 волонтери во втората година, а во последните 2 години со нас се по околу 100.000 волонтери. И се разочаруваме кога ќе видиме дека исчистените места по неколку дена пак имаат фрлен отпад“, вели Гордана Софија за crnobelo.com.
Штом има потреба секоја година да се организира „генералка викенд“, тешко дека нешто од неа научуваме! Или пак, во неа учествуваат само оние кои и онака не фрлиле ѓубренце на улица. Според бројот на најавени учесници, многумина с(м)е, како тогаш државава упорно ни тоне во ѓубре?
Можеби до година на чистење треба да се соберат оние другите.(Б.Б.)