Ново правило на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот: За сѐ да се прашува Мицкоски!

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ би „бил пресреќен“ премиерот да одговара на прашањата поставени до министрите


Фото: Б. Грданоски

 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ измислија нова форма на пратенички прашања според која опозициските пратеници за сѐ треба да го прашуваат премиерот Христијан Мицкоски, место  министрите.

На собраниската седница за пратенички прашања првпат се случи пратеничка од власта да ги повтори истите прашања од пратеник од опозицијата – само за да овозможи премиерот да одговори.

Имено, во отсуство на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, постави две пратенички прашања до заменикот за финансии Николче Јанкуловски, а пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска потоа прашањата што ги постави Битиќи му ги постави на премиерот за, како што претходно рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пратениците и граѓаните да ги добијат „вистинските одговори“.

Битиќи праша дали е точно дека власта подготвува ново задолжување од 350 милиони евра и дека одговор очекува од заменик-министерот. Мицевски му рече на Битиќи дека политички е некоректно вторпат да ја бара министерката, а знае дека таа не е вратена од службен пат. На тоа реагираше и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој оцени дека ова не е само сега, туку дека министерката не доаѓа на пратенички прашања и за важни закони.

„Подобро е Мицевски вие или премиерот да им укажете министрите да бидат присутни барем на пратенички прашања“, рече Спасовски, на што пак Мицевски во зврати со зборовите дека тој лично „би бил пресреќен премиерот да му одговори“, но дека од СДСМ не сакаат одговори. 

На седницата, Мицкоски не одговори на директно поставеното прашање од пратеникот од Европскиот фронт, Скендер Реџепи, дали е подготвен да го отвори Уставот во делот на јазичните права на Албанците. Тој и го нарече пратеникот дволичен и не одговори дали е подготвен да го отвори Уставот и формулацијата „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“ како што, според Реџепи, ветил кога бил во опозиција. Според премиерот, ДУИ и партнерите се лицемерни патриоти од „Али експрес“ бидејќи кога се опозиција создаваат етнички конфликти, а кога се власт промовираат зелена агенда.

„Со помош на мегафоните Владата зборуваше дека додека ние се занимаваме со албанскиот јазик, светот стигнал до Месечината и тоа е вистина. Пречка за моите национални права е оваа Влада, која дефокусира од сите реални проблеми, ги гази моите етнички права и го гази соживотот. Десет полицајци приведоа граѓанин оти држеше палестинско знаме и сакаше да ѝ покаже на израелската држава дека се прави геноцид врз Палестинците. Но, не реагиравте кога од трибини се скандираше дека добар Албанец е мртов Албанец. Во изминативе две години Владата манипулира со Венецијанската комисија и со неа ги оправдува сите кршења на правата на Албанците. Венецијанската комисија е советодавна, не е обврзувачка и таа не може да е над Собранието и над Уставот.  Во Уставот има член каде што албанскиот јазик е дефиниран како ’20 проценти’, ова е срамно. Во 2020 година премиерот како опозиционер изјави дека не е во ред еден народ да се дефинира со проценти, тоа го кажа и во 2022 година. Дали сте подготвени да ги направите уставните измени и вие да ги земете придобивките и конечно албанскиот јазик да биде дел од Уставот“, беше прашањето  на Реџепи. 

Мицкоски  нагласи дека кога пратеникот зборува за мултиетничка држава, треба истовремено да ги осуди и навредите искажани кон „каурите“ на спортските натпревари и неодамнешното исвиркување на национална химна, како и неносењето на македонското знаме од страна на лицата што протестираа за полагање правосуден испит и на албански јазик.

Мицкоски најави дека многу скоро пратениците ќе имаат можност да гласаат за законот за правична застапеност, дека секој има право да го користи својот мајчин јазик, но и дека некој се обидува да создава етнички конфликт каде што го нема и со тоа се остава лош пример.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не одговори за предметите што се во предистрага, како шпионската афера во кабинетот на шефицата на државата, за заплената на пет тони дрога на граница, ама рече дека писмено ќе одговори дали вицепремиерот Арбен Фетаи сè уште има полициско обезбедување.