Зошто „Рајанер“ бара 20 евра од Скопје, а од другите аеродроми не?
„Рајанер“ има речиси 2.000 летови неделно до и од земјите од Западен Балкан, поврзувајќи го регионот со над 60 дестинации низ Европа
Аеродромите во Скопје и во Охрид и натаму се едни од ретките воздухопловни пристаништа во регионот и пошироко, кои не се на понудата на „Рајанер“, една од најголемите нискобуџетни авиокомпании во Европа. Во средината на минатата година (мај-јуни) македонската влада и ирскиот авиопревозник беа блиску до договор, но работатa се прекрши околу висината на субвенциите и другите поволности, според објаснувањето кое што го даде вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Не е познато дали во меѓувреме имало нови обиди за воспоставување соработка со оваа авиокомпанија, но прашањето за неприсуството на ирската компанија „Рајанер“ на македонскиот пазар деновиве повторно се актуелизира, при што министерот Николоски ги повтори истите аргументи за неприфатливите услови кои биле поставени.
„Ќе бидам директен. Не мислам дека е добро решение за македонскиот пазар затоа што условите што ги поставуваат се невозможни. Ние во моментов даваме субвенции 9 евра за Скопскиот аеродром, 12 евра за Охридскиот, што се едни од повисоките субвенции коишто можете да ги најдете на пазарот. И неслучајно 28 нови дестинации се отворени за помалку од две години откако е избрана оваа влада. Барањето на ‘Рајанер’ е 25 евра субвенција по седиште, што е повеќе од два ипол пати за скопскиот аеродром“, изјави Николоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека покрај ова „Рајанер“ барал и приоритетно да се опслужуваат нивните авиони, како и да не се користат никакви услуги на Скопскиот и Охридскиот аеродром, а имало и други барања како, на пример, да ги користатат сопствените скали во рамки на авионите…
Сепак, симптоматично е зошто само Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Свети Апостол Павле“, ги нема меѓу многубројните дестинации што ги опслужува овој авиопревозник.
Две илјади летови неделно до Западен Балкан
Според достапните информации на Интернет , „Рајанер“ има речиси 2.000 летови неделно до и од земјите од Западен Балкан, поврзувајќи го регионот со над 60 дестинации низ Европа.
Операциите се најзастапени во Хрватска и Албанија (каде што одржуваат наменски бази за авиони), додека услугите во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија се фокусираат на рути од точка до точка, а не на локални бази.
Така на пример, од аеродромот во Тирана има околу 200 летови неделно (во текот на шпицот на сезоната), а како клучни рути се Милано, Рим, Лондон, Станстед, Париз, но и Гдањск и Ливерпул.
На почетокот на годинава „Рајанер“ објави дека го додава четвртиот авион во базата во Тирана (инвестиција од 400 милиони долари) и ќе отвори 20 нови рути, вклучувајќи ги Алгеро, Баден-Баден, Ајндховен, Џенова, Меминген, Парма и Вроцлав, покрај 23-те постоечки, поддржувајќи над 3.000 работни места, вклучувајќи 120 нови високоплатени работни места за пилоти и кабински персонал на „Рајанер“ во Тирана.

Според компанијата, оваа инвестиција од 400 милиони долари е „директен резултат на проактивната политика на албанската влада за укинување на даноците за воздухопловство и успешната шема за стимулација на растот на аеродромот во Тирана“.
„Рајанер“ ќе оствари раст на сообраќајот од 50 отсто во Тирана и 4 милиони патници во 2026 година. Од компанијата наведоа дека во текот на следните пет години, „Рајанер“ ќе продолжи да инвестира во Албанија, стационирајќи до 6 авиони (инвестиција од 600 милиони долари) во Тирана, растејќи на 6 милиони патници годишно, оперирајќи на 60 рути, поддржувајќи над 4.000 работни места до 2030 година, под услов „албанската влада да продолжи со својата политика на нулта данок на воздухопловство, а аеродромот во Тирана да ги задржи своите ниски трошоци за пристап преку шеми за стимулации за раст, за да се стимулира брзиот раст на сообраќајот и туризмот во Тирана“.
Во Босна и Херцеговина „Рајанер“ оперира преку аеродромите во Сараево и Бања Лука со околу 55 комбинирани летови неделно и мрежа кон 11 дестинации (Стокхолм, Париз, Диселдорф, Баден-Баден…)
Најмногу летови и дестинации има од хрватските аеродроми (Загреб, Задар, Дубровник, Сплит, Пула, Осиек, Риека) – од 1.200 до 1.500 неделни летови во текот на шпицот на летото. Опслужува 118 рути низ три главни бази (Загреб, Задар, Дубровник), а се проценува дека опслужува над 4,3 милиони седишта по летна сезона.
При најавата на експанзијата во Хрватска, во февруари годинава, главниот комерцијален директор на „Рајанер“, Џејсон Мекгинес, изјави дека како авиокомпанија број 1 во Европа и Хрватска, „Рајанер“ го најавува најголемиот летен распоред за Хрватска досега, со 4,3 милиони седишта (+5% раст), со 118 дестинации – вклучувајќи рути од Дубровник до Будимпешта и Гдањск. Овој распоред е поткрепен со 9 базирани авиони (инвестиција од 900 милиони американски долари) низ 3 бази во Дубровник, Задар и Загреб, и обезбедува витална поврзаност преку целата година за граѓаните и посетителите на Хрватска, поддржувајќи над 3.500 работни места.
„Рајанер“ е застапен и во Црна Гора, на аеродромот во Подгорица има 35 летови неделно, при што како клучни дестинации се Познањ, Вроцлав и Гдањск во Полска, како и рути до Централна и Западна Европа.

Во значително помал обем, „Рајанер“ е застапен во Србија, преку аеродромот „Константин Велики“ во Ниш со 10 до 15 летови неделно, генерално фокусирани на врски до големи европски центри како Виена и Малта.
„Рајанер“ лета и од аеродромите во Бугарија (Софија, Пловдив, Бургас…), од Грција, Романија, Молдавија…
Покрај скопскиот и охридскиот, од воздушните пристаништа во регионот на листата на „Рајанер“ не е уште приштинскиот аеродром.
Министерот Николоски вели дека како влада се отворени, како и дека повикот за нови авиокомпании е цело време отворен.
„Ние даваме субвенција од 9 евра по патник на пристигнување за скопскиот аеродром и 12 евра по патник за пристигнување на Охридскиот аеродром. Доколку сакаат да учествуваат, утре можат да учествуваат, но да ја уценуваат државата, да укинуваме други линии во нивна корист и само за нив да имаме два ипол пати поголеми субвенции на Скопскиот аеродром, тоа е нешто што не можеме да го прифатиме“, изјави Николоски за „Тема на денот“ на Сител.
Не е сѐ во субвенциите
Во анализите на некои специјализирани портали за авиоиндустријата, се вели дека не се во прашање само субвенциите, туку и други фактори, како на пример, долгодишната врска со конкурентскиот „Визер“, потоа големината на пазарот, но и таканареченото „правило 40 минути“ на „Рајанер“, кое што бара сите патници да го завршат пријавувањето и оставањето на багажот најмалку 40 минути пред полетувањето. Непочитувањето на овој строг рок резултира со одбиен влез во авионот.
Според достапните информации на интернет, „Рајанер“ не добива директни државно финансирани субвенции за дестинации во Хрватска, иако авиокомпанијата значително има корист од шемите за стимулации на аеродромите базирани на перформанси и индиректно ја оспорува државната помош што им се дава на конкурентите. Практично „Рајанер“ не преговара за тајни, прилагодени државни субвенции, туку користи транспарентни модели за маркетинг базирани на перформанси и стимулации за бројот на патници што ги нудат хрватските аеродроми (како што се Загреб и Задар), кои ги наградуваат превозниците за привлекување голем број патници и лансирање нови рути.
Анализирајќи зошто „Рајанер“ бара 20 евра по патник во Скопје, но не и во Загреб, аналитичарот Ален Шќуриќ за порталот „Замааеро“ (од каде што е „позајмен“ насловот на текстот) наведува неколку причини: прво, дека аеродромот во Скопје е далеку помал од оној во Загреб (4,31 милиони патници наспроти 2,88 милиони); потоа дека стандардот во Скопје е далеку понизок отколку во Загреб (Македонија има БДП по глава на жител од 9.882 американски долари, Хрватска има 2,6 пати повеќе, 25.674 американски долари); трето, дека развиеноста на туризмот (1,42 милиони туристи во Загреб наспроти само 0,42 милиони во Скопје), бројноста на дијаспората, како и фактот што Хрватска е членка на Европската унија, која акумулира значително повеќе патници, а Македонија не е.
„Скопје веќе има база со 6 авиони на ‘Визер’, што значи дека потенцијалот на ‘Рајанер’ е далеку помал. Загреб го нема тоа, ‘Рајанер’ е единствената сериозна нискобуџетна авиокомпанија таму. Првите четири точки се идентични причини зошто ‘Рајанер’ не наплаќа 20 евра од Тирана и зошто сигурно не би наплатил толку многу од Белград. Од истата причина, наплаќа повеќе од Охрид, 25 евра“, вели Шќуриќ за „Замааеро“.

Специјализираниот портал „Ексјуавиејшн“ минатиот месец објави дека аеродромот во Загреб воведува ревидиран четиригодишен модел за стимулации за раст, што претставува значајна промена во стратегијата за развој на дестинации во споредба со претходната шема лансирана во 2021 година, отворајќи им врата на конкурентите да ја оспорат доминацијата на „Рајанер“ на голем број секундарни пазари. Додека претходниот модел беше дизајниран исклучиво за да стимулира лансирање на целосно нови рути, ажурираната рамка го проширува својот опсег за да ги поддржи и таканаречените „тенки рути“ – услуги што ги врши една авиокомпанија без конкуренција. Новиот модел за стимулации стапува на сила на 1 јуни, а авиокомпаниите имаат право да аплицираат до 31 декември. „Рајанер“ беше единствениот корисник на претходната шема.
Според „Анализата на државната помош за избрани аеродроми на Рајанер“ на „Транспорт енд инвајормент“ од јули 2019 во рамките на ревизијата на упатствата на ЕУ стои дека анализата на сите аеродроми во ЕУ што ги опслужува „Рајанер“ покажа дека речиси една четвртина од овие аеродроми веројатно примаат државна помош, односно дека аеродромите што ги користи „Рајанер“ директно примаат јавни пари од локалните власти. Таквата државна помош помага во зголемувањето на рекордниот раст на емисиите на авиокомпанијата, потенцијално ги крши правилата на ЕУ за државна помош.
За разлика од експанзијата во Хрватска, „Рајанер“ во декември лани објави дека ќе укине шест неделни поаѓања од Бања Лука, како и два неделни лета од Ниш.
Порталот „Ексјуавиејш“ исто така во друг текст пишува дека „Рајанер“ уште во 2015 година објавил планови за започнување летови до Скопјe и дека бил во преговори со македонската влада за голем број линии. Кратко потоа, „Визер“ одговори со откривање на неколку нови линии од главниот град на Македонија до постојните бази на „Рајанер“. И покрај почетниот моментум, „Рајанер“ на крајот го одложи влегувањето на пазарот. Авиокомпанијата повторно ја разгледа идејата во 2018 година, но не беа објавени авиолинии.
Лани, кон крајот на мај, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски се сретна со извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, во Лондон, за да разговараат за започнувањето летови до Скопјe. Потоа, корпоративниот авион на „Рајанер“ слета во главниот град на Македонија, сигнализирајќи континуиран ангажман од страна на вишиот менаџмент на авиокомпанијата. Тоа беше прв формален обид на македонската влада по повеќе од една деценија да привлече услуги на „Рајанер“. За жал, се покажа како неуспешен.
Македонската влада во тековната програма за субвенции од 5,8 милиони евра што го опфаќа периодот 2025-2027 година, нуди девет евра по пристигнувачки патник на скопскиот аеродром и дванаесет евра на охридскиот аеродром за авиокомпаниите што воведуваат нови редовни услуги.
Се проценува дека евентуалното доаѓање на „Рајанер“ во Македонија би го ставило во директна конкуренција со „Визер“, кој доминира на македонскиот пазар со удел на патници што надминува 50 проценти. „Прозорецот“ се отвори и поради тоа што работењето на „Визер“ во Македонија изминатиот период беше значително засегнато од тековните инспекции на моторите што приземјија голем дел од нејзината флота, што услови нејзиното закрепнување на базата во Македонија да е побавно во споредба со другите пазари.
Прашање колку актуелната криза создава клима за влез на овој нискобуџетен авиопревозник на македонскиот пазар, дотолку повеќе што „Рајанер“ објави големи намалувања на рутите за 2026 година до популарни дестинации, вклучувајќи ги Шпанија, Португалија, Германија, Франција и Белгија, поради споровите околу аеродромските такси и даноци.
Од друга страна, вицепремиерот Николоски вели дека ние сме единствена држава во целиот регион којашто отвара нови авиорути, најавувајќи дека во периодот што следи ќе има пет, при што ги наброи „Остриан ерлајнс“ со лет Виена – Охрид, во јуни почнуваат две дестинации од Полска, Краков и Вроцлав до Охрид, а во текот најуни почнуваат летни дестинации од Скопскиот аеродром кон Палермо на Сицилија, а втората е Алгеро – Сардинија.
Случајно или не, „заборави“ да спомене дека еден од најголемите европски и светски авиопревозници, германска „Луфтханза“, по повеќе од три години работа, гo укинува летот од Скопје до еден од најважните аеродроми во Европа – Франкфуртскиот.
На истата тема:
Зошто „Рајанер“ лета од сите земји во регионот, само не од Македонија?