Новиот закон за природа предвидува интервентни тимови за диви животни во населени места – во меѓувреме трае сагата со волкот во Козле


Новиот закон за природа е веќе објавен на единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР) и е отворен за јавни коментари – соопшти денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа. На брифингот со новинарите тој информира дека законот предвидува воведување интервентни тимови за диви животни и формирање прифатилиште како дел од пошироките мерки за унапредување на заштитата на природата.

Министерот Хоџа истакна дека ова законско решение има цел системски пристап кон заштитата на природните ресурси.

– Донесувањето на овој закон има цел зајакнување на системот за заштита на природата, подобрување на управувањето со природните ресурси, усогласување со европските директиви и исполнување на меѓународните обврски на државата во областа на животната средина и природното наследство – изјави Хоџа.

Тој нагласи дека законот останува отворен за јавноста, а во следниот период ќе се одржат најмалку две јавни расправи.

Клучна новина во законското решение е воведувањето интервентни тимови за диви животни, кои ќе постапуваат во ситуации кога животни се појавуваат во населени места или во услови на зголемен ризик. Раководителот на секторот за природа Влатко Трпевски објасни дека станува збор за мултидисциплинарни тимови, чија основна цел е навремена реакција и решавање на проблемите на терен.

– Основна цел на овие интервентни тимови е справување со ситуации на појава на диви животни во населени места, односно во зони на зголемен контакт со луѓето, при што е потребна брза реакција од страна на интервентните тимови и ефикасно решавање на настанатите проблеми на терен – рече тој.

Според него, постапувањето ќе се врши во согласност со утврдени протоколи, кои ќе обезбедат хуман третман на животните.

– Протоколите за овие интервентни тимови ќе предвидуваат хуман третман на животните. Пред сè, во согласност со процените на експертите, кои ќе бидат дел од овие интервентни тимови, ќе се донесуваат одлуки на самото место за тоа како да се постапи со повреденото животно што ќе биде пронајдено – изјави Трпевски.

Како дел од системот, предвидено е и формирање прифатилиште, за кое, според него, веќе се разгледуваат конкретни чекори.

– За прифатилиштето ќе биде изнајдена локација во соработка со ветеринарниот факултет и ќе бидат потребни речиси 300 илјади евра за основните активности – додаде Трпевски.

Законот опфаќа и низа други механизми, меѓу кои воведување акциски планови за живеалишта, усогласување со европските директиви за живеалишта и на птици, нова категорија геопарк, засилен ренџерски надзор и дигитализација на дозволите.

Додека министерот информираше за новиот закон за природа и за дивите животни, скопјани расправаат за појавата на волк во централната населба козле, животно за кое неколку институции се обидуваат да утрвдат дали навистина е волк или се работи за куче по име Сириус кое сопственикот си го бара.

Ако граѓанинот што пријавил не може да разликува куче од волк и не е некој грев, но ако тој што дошол да го залови, чека Агенцијата за храна и ветеринарство да го утврди родот на животното, тогаш навистина имаме проблем. 

Се поставува прашањето, кој сѐ ќе биде дел од тие интервентни тимови, или повторно се ќе падне на плеќите на сега веќе директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, кој пред две години беше постојано на терен во запасниот дел од земјава, каде во селата се спуштаа мечки.