Лукровски се пишмани – не сака да е градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ притиска да не дава оставка


Христијан Мицкоски и Сотир Лукровски

Градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, вчера назначил свој заменик, и тоа поранешниот портпарол на Коце Трајановски, Неделчо Крстевски, а според неколку медиуми, тој веќе два пати сакал да поднесе оставка, но неговата натична партија ВМРО-ДПМНЕ не дава.

Само половина година по локалните избори, Лукровски не се чувствува вичен да одговори на градоначалничките предизвици, во една од најурбаните општини во Скопје, Карпош, која во неколку мандати ја водеше Стевчо јакимовски.

Откако Лукровски ја презеде должноста, по победата на изборите, во општината речиси и да нема некоја активност, освен неколку посети на градилишта, заедно со министри или со премиерот, протоколарно, а незадоволството на граѓаните е во постојан пораст.

За притисокот од ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече оставката, извори за Рацин.мк велат дека е разбирлив, ако се знае дека партијата направи вонредни и исклучителни напори да направи пресврт во вториот круг на локалните избори, само колку да нареди уште една на листата освоени општини, но со очигледни лоши проценки за тоа што може да испорача нивниот кандидат Сотир Лукровски.

Од Општината на прашањето од „Слободен печат“ дали има вистина во тоа дека всушност Крстевски треба да ја раководи Општината затоа што Лукровски се подготвувал да си даде оставка, досега нема одговор.

Затоа пак, ситуацијата ја користи поранешниот градоналачник Јакимовски, кој порачува дека карпош заслужува градоначалник, а не мртов коњ.

„Овластување дадено на друг човек не го ослободува градоначалникот од одговорност. Таа работа не оди така. Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било. Шест месеци Карпош живее во целосен застој“ пишува на Фејсбук поранешниот градоначалник на општина Карпош – Стевчо Јакимовски.

Тој вели дека „граѓаните се измачуваат, вработените се оставени во неизвесност, а општината што важеше за една од најфункционалните во државата — денес е парализирана. Приходите се сведени на минимум, нови проекти нема, а старите — дури и оние за кои нивната Влада одобрила средства — не се реализираат. Со еден збор: Застој“.

„Градоначалникот Сотир Лукровски, кој на 2 ноември 2025 година го доби мандатот да ја води Општина Карпош во наредните четири години, уште од самиот старт почна да лелека колку му било тешко. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на општината. Па добро, за што се кандидираше човекот?“ прашува тој.

Вели „карпошани гласаа за градоначалник, а добија човек кој ниту сака, ниту може да ја води општината. Уште од првиот ден, ВМРО-ДПМНЕ воведе колективно раководење во Карпош. Имаме наводен секретар без кој, како што велат, не може ни мува да помине. Имаме нови луѓе во урбанизмот. Имаме канцеларија за советничка која изиграва правник. Имаме надворешен супервизор со канцеларија. Имаме претседавач кој цел ден кисне во општината. И згора на сè — уште двајца адвокати кои до доцна во ноќта го проверуваат секој акт. Значи, Карпош не доби градоначалник. Карпош доби колективно претседателство како во пост титова Југославија“.

„Карпошани добро се сеќаваат: во изборната кампања, на булеварот „Партизански одреди“, токму под билбордот на кој беа Христијан Мицкоски и Сотир Лукровски, јавно кажав дека Христијан се обидува на граѓаните на Карпош да им продаде мачка во вреќа. За жал, таа мачка шест месеци изигрува болен мајмун, а последиците ги трпат граѓаните на Карпош. Не може така. Не може да си играте со волјата на граѓаните. Не може Карпош да биде партиски експеримент. Карпошани заслужуваат градоначалник. Не партиски заменик. Не колективно претседателство. Не мртов коњ“ – рече Јакимовски.