Антонио Милошоски го обвини обвинителот Ислам Абази дека лаже


Фото: Б. Грданоски

 

Високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, веќе втор ден, излегува на говорници за да испрати жестоки обвинувања до шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, и да ја поткопа институцијата што ја предводи. Денеска тој отворено го обвини Абази дека „лаже“ во врска со одлуката за мазутот за ТЕЦ „Неготино“.

„Овој скандалозен случај и одлуката на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев сѐ уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството. Ислам Абази како шеф на ОЈО ГОКК, одлучил да го запре овој случај и да не види ни еден доказ.

Ислам Абази на брифинг со новинарите тврди дека не вршел никакво влијание врз никој обвинител да се донесе ваква одлука за запирање на гонењето на овој сомнеж за криминал од 167 милиони евра.

Ислам Абази лаже, затоа што тој како како шеф е надлежен еднаш неделно да добива брифинг од подредениот обвинител, за ваквите крупни случаи, а исто така овластен е доколку некој понизок обвинител реши дека не сака, или смета, дека нема основ ваков случај да се води, Ислам Абази може да одлучи, случајот да продолжи да се гони, или да го предаде во надлежност на друг обвинител.

Наместо да го направи тоа, Ислам Абази, дал согласност овој тежок 167 милиони евра случај да се затвори, и наместо да биде обвинител којшто ќе гони организиран криминал и корупција, Ислам Абази си ја препишал улогата на судија, да го затвори случајот, пред истиот да влезе во судските процедури“, рече Милошоски.

Според него, досега во македонското правосудство и обвинителство вакво случај да биде затворен од обвинителството. И тврди дека Ислам Абази „ја донесол врз основа на лукративно политички основи, а не на правни или обвинителски аргументи“.