Продолжуваат блокадите на Доушница против изградбата на мала хидроцентрала


Се враќаат блокадите на планината Кожуф, во одбрана на реката Дошница на која и се заканува изградба на мала хидроцентрала. Граѓанските организации кои минатата година со месеци кампуваа на патот што води кон реката, објавија дека дозволата за градба на малата хидроцентрала е продолжена, заради што тие повторно се враќаат на блокадите, пишува Мета.мк.

„Знаеме и дека се подготвува внесување на механизација со обезбедување, но Дошница е наша и нема сила што ќе нè натера да молчиме додека се уништува една од последните чисти реки и природни богатства. Ќе стоиме пред багерите, пред механизацијата и пред секој обид за ставање на Дошница во цевка,“ велат од организацијата Ченјнџмејкерс.

Тие апелираа до градоначалниците на општините Кавадарци, Гевгелија и Демир Капија, кои ја прифатија иницијативата на граѓанските активисти и 13 академици за издвојување средства општинските буџети за изработка на нови студии, да го исполнат ветувањето.

„Народот треба да се слушне и да се направат студиите. За таа намена градоначалниците требаше да издвојат средства. Имавме средба со градонаалникот на Гевгелија Андон Сарамандов, тој кажа дека стои зад истото и дека ќе одвои средства. Ако има опасност во реката Дошница да се уништат ендемски видови, тогаш не смее да се гради“, вели Марина Томова од Ченјнџмејкерс.
 
Фото: Мета.мк

Според записникот од 143 седница на Владата одржана на 20 јануари годинава, под точка 22 била разгледувана Информација со податоци за сите доставени барања за продолжување на рокот за изградба и почеток со комерцијална работа на малите хидроелектрични централи врз основа на утврден застој, кога застојот не е предизвикан по вина на концесионерот.

„Владата ја разгледа Информацијата со податоци за сите доставени барања за продолжување на рокот за изградба и почеток со комерцијална работа на малите хидроелектрични централи врз основа на утврден застој, кога застојот не е предизвикан по вина на концесионерот и ја усвои со следните заклучоци – Се овластува министерот за животна средина и просторно планирање, во име на Владата, по претходно доставен предлог од Комисијата за вршење на постојан и редовен надзор на начинот на вршење на концесиска дејност, за утврден застој кој не е по вина на концесионерот, да склучува анекси на договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи за продолжување на рокот за изградба и почеток со комерцијална работа. Тоа важи и за договорот за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, со бр. 02-2794/1 од 5.4.2022 година, на концесионерот Хидро Дошница ДОО Скопје“, наведено е во записникот.

„Баров Дол“ и „Папрад“ се локациите на реката Дошница на кои Владата одобрила да се градат две мали хидроцентрали на Кожуф планина. Овој регион, богат со ендемски видови и биолошка разновидност, минатото лето го штитеа еко-активисти од целата земја.

Двете локации се наоѓаат недалеку од изворите на Дошница, во недопрена природа, односно во голем дел подрачје на кое човечка нога не стапнала. Изворите на реката се наоѓаат во општина Каварадци. Така, со одлука и амин на Владата и општина Кавадарци, во 2019 година било одобрено оваа речна питка вода да се користи за производство на електрична енергија. Во тоа време коалициони партнери во Владата беа СДСМ и ДУИ на чело со Зоран Заев и Али Ахмети, а градоначалник на Кавадарци и тогаш беше Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно ќе биде кандидат на партијата и на локалните избори во октомври.