Ќе се воведува казна за родителот чие дете е насилно во училиштето

Зголемениот број насилнички инциденти во основните училишта го вознемирија родителите и јавноста. Министерката бара начини како да се спречат


Министерката за образование Весна Јаневска (Фото: Б. Богдановска)

 

По екстремните поединечни случаи, кои деновиве ја брануваат јавноста, како избодениот деветтоодделенец од скопската населба Ченто, кој се бори за живот, откако поранешен ученик го избоде во училиштето, министерката за образование Весна Јаневска вели дека ќе побара со закон да се овозможи казна за родителот чие дете врши насилство во училиште. 

Таа по втор пат појаснува дека агресијата на децата не произлегува од училиштето, туку од дома, а тие агресини доаѓаат во училиштето, дека носењето ножеви и други опасни предмети во училиштето, исто така доаѓаат од дома, а не од образовните установи, па затоа на одговорност и внимателност ги повикува родителите. 

„Ладното оружје децата не го наоѓаат во училиште. Ладното оружје децата го носат од надвор“, вели Јаневска, која потенцира дека со МВР имале успешна акција со кои укажале на штетното дејство на носење несоодветни предмети во училиштата, а беа спроведени и енкој рации, каде МВР претресуваше ранци на ученици пред училишните дворови.

Останува на одлуката да се сменат начините на кои се постапува откако ќе се случат некои несакани настани во училишните клупи, за што ќе се држат и обуки за наставниците, па и за директорите на училиштата, за што бара соработка и со општините, под чија ингеренција се училиштата, како и со Министерството за внатрешни работи.

„Разговорано е со Комората на психолози, постои закон кој вели дека секој психолог треба да е лиценциран. Ќе инсистирам да се лиценцираат и училишните психолози, да направат стручни тимови, оти тоа им е основната работа, да работат со децата, да работат со родителите, да работат и со наставниците на препознавање на тоа што се случува во училиштетои конечно да, ќе ги замолам пратениците да побарат измена и дополнување во Законот за основно, да вметнеме казна за родителот чие дете е сторител на насилие во училиштето. Во моментот разговараме со нив за да се формулира и вметне таа измена во законот“, рече Јаневска, во одговор на новинарско прашање, при денешната презентација на новиот веб-портал на кој се поместени сите предности од учењето во стручно училиште. 

Во критична состојба е момчето избодено со нож во училиште во Ченто

Јаневска инсистира на тоа наставниците да се меѓу учениците, да ги спроведуваат дежурствата во ходниците и во училишните дворови, а ним да им се приклучат и стручните служби, педагозите, психолозите и социјалните работници, кои би работеле и со децата и со наставниците, но и со родителите. 

Вчера полицијата уапси 15-годишник кој со остар предмет нападнал ученик во основно училиште во Општина Гази Баба во Скопје. Според информациите, инцидентот се случил во ОУ „25 Мај“, во населбата Ченто.

„На 11.5.2026 во 14:50 часот, во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето. Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава“, соопштија од МВР.