Во критична состојба е момчето избодено со нож во училиште во Ченто
Деветтоодделенец од Гази Баба е во критична состојба откако врсник го прободел во стомакот со остар предмет. Директорот на Ургентен центар д-р Игор Мерџаноски за весникот Вечер потврдува дека детето е оперирано и е во критична состојба.
Полицијата информираше дека е уапсен 15-годишникот кој со остар предмет нападнал ученик во основно училиште во Општина Гази Баба во Скопје. Според информациите, инцидентот се случил во ООУ „25 Мај“, во населбата Ченто.
– На 11.5.2026 во 14:50 часот, во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето. Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава – соопштија од МВР.
За ситуацијата се огласи и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој изрази жалење и вознемиреност.
– Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од девето одделение.