Скопјанец пукал во воздух со пиштол од автомобил во движење во Аеродром


Фото: Б. Грданоски

Полициски службеници од СВР Скопје вчера го лишиле од слобода 27-годишниот Ф.Д. од Скопје, откако, според информациите на МВР, пукал во воздух со сигнален пиштол од автомобил во движење на подрачјето на општина Аеродром.

Инцидентот се случил на 11 мај, околу 16:20 часот, кога осомничениот од патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки пукал во воздух со сигнален пиштол.

Со Ф.Д. бил извршен службен разговор, а полицијата од него одзела сигнален пиштол со една рамка во која имало 11 парчиња муниција калибар 9 милиметри. Според МВР, тој не поседувал дозвола за пиштолот.

За случајот е известен јавен обвинител, а по целосното документирање ќе биде поднесена кривична пријава по член 396 од Кривичниот законик.