Ученици на екскурзија во паркот Гази Баба нападнати и ограбени од малолетници
Тројца ученици кои биле на екскурзија во парк шумата Гази Баба биле нападнати и ограбени од други малолетници.
Според информациите на МВР, вчера од основно училиште на подрачјето на општина Аеродром е пријавено дека за време на еднодневна екскурзија организирана преку училиштето во парк шума Гази Баба, неколку ученици биле физички нападнати од неколку други малолетници, а на еден ученик му бил одземен личен накит.
„Во 16:13 часот во СВР Скопје, А.К.(47) од Скопје пријави дека во периодот од 11:00 до 12:00 часот во парк шума Гази Баба, неговиот 13-годишен син и двајца негови соученици, додека биле на еднодневна екскурзија преку училиштето во кое учеле, биле физички нападнати од неколку малолетници“, соопшти МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во друг инцидент, ученичка била нападната во основно училиште во Скопје, а нејзин соученик снимал со мобилен телефон.
Според информациите на МВР, вчера М.Д.(52) од Скопје пријавил дека на 8 мај околу 12:00 часот во дворот на основно училиште на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, неговата малолетна ќерка била физички нападната од нејзина соученичка, при што настанот бил снимен со мобилен телефон од друг малолетник.
Известени биле стручните служби во училиштето, а по целосно расчистување на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.
Во третиот случај, петнаесетгодишен малолетник нападнал ученик со остар предмет во основно училиште на подрачјето на Гази Баба.
Според информациите на МВР, вчера, полициски службеници од СВР Скопје уапсија 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето.
Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.