ОЈО го истражува случајот со 65-годишникот кој во образовен центар во Штип допирал девојчиња. МОН: Не е во системот
Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за недозволени полови дејствија врз три малолетни девојчиња помлади од 15 години.
Според информациите од обвинителството, постои сомнение дека осомничениот во периодот од септември 2023 до 11 мај 2026 година, додека им држел дополнителни часови во образовен центар, ја злоупотребил довербата и положбата кон девојчиња на возраст од 13, 11 и 10 години.
Јавниот обвинител, како што е наведено, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Случајот во полиција го пријавиле родители во присуство на ученичките и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Штип.
Имено, 65-годишен управител на образовен центар во Штип вчеравечер е приведен поради сомнение дека подолг период допирал по телото неколку малолетни ученички за време на одржување на дополнителна настава.
„Настанот во полициска станица го пријавиле родители во присуство на ученичките и на претставници на Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи Штип“, информираа од МВР.
Во домот на 65-годишниот А.Ш. и во образовниот центар, по претходна судска наредба, извршени се претреси и одземени се предмети за понатамошна постапка.
Од МВР информираат дека судија на претходна постапка му одредил 30-дневен притвор на осомничениот, а дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава.
„Приватните (образовни) центри не се под надлежност на Министерството за образование и наука, за жал. Моите информации кои ги добивам од стручните служби велат дека тие се надвор од системот. Ние предвидуваме закон за да ги вклопиме во системот образовен за да можеме и да спроведуваме мониторинг и на нивната работа“, рече денеска министерката за образование Весна Јаневска, прашана дали е запозната со случајот од Штип.
Вели дека не се само тие кои не се во системот, има дури и високообразовни установи копи не се восистемот, а рече дека има и училишта кои сакаат да бидат дел од системот и на нив им е благодарна. (Б.Б.)