Земјоделците протестираа и од арно


НАУМ КОТЕВСКИ

Крајно несвојствено е да се гледа критички кон кој било протест на која било социјална група бидејќи по дефиниција тоа треба да е експлозија на незадоволство од политики на власта, јавен отпор кон методите за дехуманизација и држење на обичниот човек на маргините на општеството. И тој протест, без оглед што доаѓа од одредена група, важен е за сите, меѓу другото, и за развивање на свеста дека не треба да се одмолчат општествените аномалии, репресијата, нарушувањето на елементарните човекови права, вклучувајќи ги и егзистенцијалните.

Но апсурдите во земјава се неумоливи и нè задржуваат во светот на смисленото и наметнато лудило. Тие ги рушат сите веќе стекнати правила и вредности, а јавноста веќе не е сигурна во што да верува.

Потврда за тоа е и викенд-протестот на земјоделците на кој можеа да се забележат тврдокорни партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ кои и станаа познати на јавноста со тетоважите на својот грб со ликот на поранешниот партиски лидер и премиер, сега азилант Никола Груевски под кои е „зациментиран“ заветот „верни до гроб“. Сепак, шоуто на сите што тврдеа дека не се тука поради партијата туку поради маката, им го украде ќерката на актуелната опозициска пратеничка Пепица Честојнова. Таа искрено изјави дека не е земјоделка, ама ладно излажа дека протестира бидејќи нејзините дома се занимаваат со земјоделство (секако ако мислела на својата мајка и татко, а не на некој поширок круг роднини).

Ваквите партиски стендап-комедии неодоливо потсетуваат на периодот од пред седум години, кога всушност се уверивме во тоа дека во оваа држава ништо не може да нè изненади и шокира. Тогаш во таа 2012 година, кога жареше и палеше Груевски, немаше игла каде да се фрли пред македонското Собрание.

Две слики споени во една. На една страна стечајците, како парадигма на нашата мизерија, како симбол на отфрленоста и осаменоста, но и како потврда за човечкиот капацитет на политички елити и нивната одговорност. А од спротива, подновените земјоделци и земјоделки со субвенции, но и со рејбан-очила и мини-здолништа. Едните седеа на трактори, другите стоеја на штикли, а сите заедно ја фрапираа јавноста која залудно се прашуваше до каде впрочем може да отиде лудилото и да се погази здравиот разум со уште една неподнослива серија од тогашниот понижувачки, надреален изум на контрапротести.

Е, тогаш групата земјоделци (некои од нив беа и викендов пред Владата) лути кон стечајците испратија поинаква порака – дека живеат господски и дека на улица треба да излезат сите што уживаат како нив. Протест за убавините и благодатите да ти била вистинската приказна. Брилијантна претстава, се сеќавате, имаше земјоделката контрапротестантка, кумановката Бети Станковска, која на прашањето каде ги пласира своите продукти, додека колешката до неа се ладеше со лепеза, самоуверено рече дека одгледувала калинки, сливи и цвеќиња, но за домашна употреба. Подоцна се утврди дека таа е професорка по флејта која се одлучила да излезе на улица да свири контрафлејта во името на донациите за домашна употреба!

Овие примери само покажуваат колку е моќно партиското заведување на немоќните во современото општество на спектакли. Политиката на суров начин направи раздор и поделби внатре во сите социјални слоеви доведувајќи ја атмосферата во општеството постојано на раб на конфликт. Зошто проблемот, ако го има, да биде на земјоделците симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ, а не заеднички. Таа смислена операција на поделби во суштина му ја одзема душата на протестот како исклучително пожелна реакција која треба да биде природна, а не предизвикана од далечинското на партијата, како што покажа, впрочем, и аудиозаписот што го објавија медиумите за минатомесечните протести во Тиквешкиот Регион.

Се разбира дека не треба да се прифати приказната која ја плете секоја власт дека сè е во најдобар ред, дека само што не сме процветале и дека граѓанинот е исклучиво одговорен за сопствената несреќа, поради ограничените способности или недоволниот труд. Па, тој така несигурен и потценет, оптоварен со чувство на вина да отстапи од барањата за промена на системот. Но сето тоа мора да биде аргументирано, инаку постои ризик да заврши како фарса.

За жал, ова што се случува е само увертира за предизборието што е пред нас, кога повторно ќе бидеме сведоци на бескрупулозното влечење на луѓето на синџир на безбројните митинзи и средби со граѓаните, за да сликите од партиските дронови бидат што побогати со сиромаштија. За таа цел партиските гиганти сигурно ќе потрошат и некој денар од оној милион евра што секоја година го добиваат од државата за редовно работење. Со манипулација и со пари сè се може. Тажно, ама така е.