Протоколот „преживеа“, отпадна барањето на Вајц да се разјасни дали е услов или не е
Ова беше последната „сламка“ на која се фати нашата влада за да ги ослободи преговорите од натамошни бугарски барања околу историјата, архивите на службите...
Протоколот потпишан меѓу Бугарија и Македонија „преживеа“ во извештајот на Европскиот парламент. Ова е главната вест, откако протекоа компромисните амандмани што беа изгласани вчера во Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Веста поточно не е дали Протоколот ќе биде внатре или не, туку дали ќе помине амандманот 108 на известувачот Томас Вајц, со кој ја повика правната служба на Европскиот совет „итно да ги разјасни сите двосмислености во врска со правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји“, за да ја превенира одлуката на нашиот Уставен суд каде што се чека одлука за иницијативата за негово поништување како неуставен.
Ова беше последната „сламка“ на која се фати нашата влада за да ги ослободи преговорите од натамошни бугарски барања околу историјата, архивите на службите, околу учебниците, говорот на омраза, спомениците и заедничките славења на историските личности и настани.
Она што остана на крајот е непрепознатлив и необврзувачки дел во компромисен амандман во кој стои дека „билатералните прашања треба да се решаваат билатерално и во согласност со меѓународното право и притоа не треба да се користат за блокирање или понатамошно политизирање на процесот на проширување“.
Во друг амандман, пак, стои додавката дека „во сложени историски контексти прашањата за јазикот, идентитетот и културите се по природа чувствителни, па воведувањето на вакви прашања во дискусиите за проширување ризикува да го комплицира и политизира процесот на пристапување на земјите кандидати, поради што треба да се решава со воздржаност и одговорност, на начин што го зачувува интегритетот на политиката за проширување“.
Ако има нешто што може да се смета за успех на нашата дипломатија, тоа е ставот што имаше безмалку иста тежина за Софија, а со кој се нагласува обврската на „сите членки на Советот на Европа (со бришење на ЕУ) брзо да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права“.
Исто така, во извештајот влезе и амандманот со кој се нагласува дека „јазичните, културните и националните идентитети се вистински темели на секоја земја и не треба да бидат доведени во прашање од трети страни; дека ваквите прашања не треба да влијаат на процесот на пристапување во ЕУ, кој се фокусира на спроведувањето на законодавството и усогласувањето со вредностите и принципите на ЕУ, како што се утврдени во Копенхашките критериуми и принципите на добрососедски односи, и треба да се води од објективни критериуми и единствено врз основа на заслуги“.
Амандманите генерално го бришат политичкиот јазик од претходно и стануваат повеќе технички, а толку многу од нив се собрани во компромисни, што е тешко да се извади некаков заклучок, освен тоа дека и Македонија и Бугарија добиле по некоја „коска“ за усреќување. Најдобро тоа се гледа од амандманот со кој се поддржува едногласното донесување на одлуките за проширување, но и квалификуваното – во попатните фази од преговорите.
Видливо е сепак дека многу делови од бугарските амандмани, кои беа над стотина, завршиле како барање на ЕП, иако ништо од тоа не излегува од рамките на она што ние сме го потпишале со Бугарија претходно. Па така, се бара да се усвојат уставните измени и сите заедници да се вклучат во Уставот, да продолжи работата на Комисијата за историски и образовни прашања, со „добра намера, се осудуваат обидите за замена на историските споменици или артефакти, вклучувајќи го уништувањето на автентичното културно наследство и се изразува жалење за наводно фалсификување на бугарските натписи“. И, помеѓу стои еден генерален „каша попара“ став околу спорот:
„Се признава постоењето на различни толкувања во врска со историските карактеристики на македонското општество; се нагласува дека извештајот нема за цел да го прејудицира или ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања влијаат врз проценката во извештајот за напредокот на Северна Македонија во пристапувањето кон ЕУ, кој останува заснован на Копенхашките критериуми и принципите на добрососедски односи“.
Се бара, исто така, отворање на архивите на југословенските тајни служби и во Македонија и во Србија заради транспарентно справување со „тоталитарното минато“, поефикасно справување со говорот и злосторствата од омраза и нивно судско гонење, додека законските измени за регистрацијата на здруженија и фондации да бидат во согласност со препораките на ЕКРИ и Венецијанската комисија.
Во извештајот е осудено и наклонувањето на нашата влада кон Србија, при што стои дека „со загриженост се забележуваат сè посилните врски меѓу Северна Македонија и владата на Србија, која води нелиберална агенда“ и „дополнително се предупредува на растечкото кинеско економско и политичко влијание во регионот, особено преку инфраструктурни проекти и кредитирање“, на што освен бугарските кумуваа и унгарски пратеници.
Ново притоа е што во извештајот се укорува и ЕУ, во смисла да престане да зборува и натаму во ракавици за недостигот на политичка волја да се прават реформите кај нас и да комуницира поефикасно со „македонскиот јавен простор“.
А, за реформите исто така имало што да се каже, при што тонот очигледно е заострен во однос на извештајот од минатата година, бидејќи освен генералната оценка дека нема напредок во однос на лани, стои дека ЕП е загрижен за политичкото фаворизирање при именувањето членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и дека реформите што биле направени се надвор од „фундаментите“, односно од најважните области поврзани со демократијата и владеењето на правото.
Се потенцираат и негативни трендови во функционирањето на независното судство и несоодветно финансирање и екипирање на судските институции, со генерална порака дека политичарите итно да се воздржат од мешања во него.