Мало убиство меѓу (не)пријатели

Средбата на двајца мафијаши, организирана за решавање на несогласувањата, во друштво на началникот на белградската полиција, заврши со убиство. Началникот беше отпуштен и приведен, телото се бара, претседателот беше лут, а случајот го открива нивото на поврзаност меѓу полицијата и мафијата


Приказната започнува вака: вечерта на 12 мај, на маса во ресторан во Сењак, Белград, Александар Нешовиќ Баја, член на таканаречениот Кекин клан, беше убиен од Саша Вуковиќ Боске, ит оа во друштво на началникот на белградската полиција, Веселин Милиќ, засега без прекар, кој ја организирал средбата меѓу двајцата, со цел да се решат претходните несогласувања.

Се вели дека не ги решиле несогласувањата, избувнала караница во која Боске го убил Баја. Потоа началникот на полицијата, заедно со надлежниот персонал, и од ресторанот и од полицијата, организирале чистење на просторот, односно отстранување на остатоците.

Потоа се јавила сопругата на убиениот и прашала каде е. И до ден денес никој не одговорил на нејзиното прашање, иако потрагата по него трае со денови. Ако нема тело, нема злосторство, па затоа нема тврдење дека она што е опишано во воведот е вистина, туку само сомнежи.

Вишото јавно обвинителство спроведува истрага дури протв десет лица за кои постои сомнение дека на различни начини учествувале во ова злосторство. Еден од нив е гореспоменатиот началник на белградската полиција, кој оттогаш е разрешен и во притвор на30 дена, а меѓу народот е познат како добитник на Орден за храброст, кој лично му го додели претседателот Александар Вучиќ, а претседателот сега е лут.

„Ако некој е способен да изврши најтешко кривично дело, а завршил училиште во Каменица (полициско училиште, н.з.). И после тоа да седне испие пијачка, а државата инвестирала во него. И да чуваш криминалци, ти нема што да бараш во полицијата и војската. Ќе донесеме закон според кој секој што ќе го фатиме да работи друга работа, освен онаа што ја наложува државата, ако видиме некого како чува тајкун или криминалец, е ти, мајчин сине, повеќе не можеш да работиш во полиција. Веднаш нека си одат дома 2.000 од нив. Што сме ние, будали да школуваме во Воената акедемија и каменица, да плаќаме големи плати, а потоа секој да праби свој клан. Е, тоа веќе нема да биде дозволено“, грмеше тој.

Кога малку се смири, се обиде да ја минимизира штетата, велејќи дека полицијата и државата покажале „апсолутен професионализам, почитувајќи ја презумпцијата на невиност“, бидејќи полицајците не биле осомничени за учество во убиството. Во центарот на случајот е Милиќ, началник на белградската полиција од 2013 до 2018 година, потоа две години советник на претседателот Вучиќ за борба против корупцијата и криминалот, а од 2020 година до неодамна повторно началник на белградската полиција.

За Вук Цвииќ, новинар на неделникот „Радар“, претседателот и директорот на полицијата се најодговорни за овој случај, но тој не мисли дека ќе дојде до прифаќање на одговорноста, бидејќи „никаде не се случило крадецот сам себеси да се осомничи, да се суди, да се осуди и доброволно да оди во затвор“.

„Тоа е политичка одговорност што би довело до оставки во секое цивилизирано општество. Милиќ е (беше) помошник-директор на полицијата. Ако знаете што правел, професионално сте одговорни. Ако не знаете, повторно сте одговорни. Но, во Србија сè е наопаку, па затоа тие двајца, кои треба да понесат одговорност, го соопштија она што се случило во нивно толкување, бегајќи од сопствената одговорност“, забележува Цвииќ.

Меѓу уапсените, покрај Милиќ, се и уште тројца полицајци. Тие се обвинети за непријавување на кривичното дело и сторителот и помагање на сторителот откако е извршено кривичното дело. Во потрагата по телото на Нешовиќ се вклучи и војската. Реченицата на Цвииќ дека полицијата не е во можност да го пронајде телото што го скрила самата добива дополнително разјаснување тука. Тој смета дека е проблем за владата што назначила некомпетентни луѓе во полицијата.

„Началникот на Управата за криминалистичка полиција бил продавач на автомобили, вишиот јавен обвинител кој стана одговорен за овој случај е поранешен санитарен инспектор. Тоа се луѓе кои без прашање, непочитувајќи го Уставот и законите, ги исполнуваат сите наредби на владата и не знаат како да водат истраги“, вели Цвииќ.

Судејќи според омекнатиот став на Вучиќ, веќе се прават споредби со случајот на Дијана Хркаловиќ, поранешна државна секретарка во МВР, која била поврзана со криминалниот клан на Вељко Беливук, и која на крајот беше осудена само за злоупотреба на влијание. Цвииќ смета дека најголемата опасност за оваа влада е конфликтот во рамките на мафијашките организации.

„Шефовите на мафијата можат да гледаат на оваа влада како на соработници, а ако ги гледаат така, тогаш ќе ги применат законите на мафијата врз нив“, предупредува тој.

(Дејан Кожул е новинар и дописник за неколку медиуми од Југославија. Со години ја уредува и води радио емисијата КУПЕК, која ја емитуваат бројни радиостаници од територијата на Југославија. Текстот е објавен во хрватскиот магазин „Новости“.)