Кој ги деградира Струшките вечери на поезијата?
Државата како да крена раце од фестивалот што беше најважниот културен белег на Македонија. Најсилните поети и луѓето кои беа совест на човештвото доаѓаа во Струга. Сега тоа е деградирано. Како Струшките вечери на поезијата да се товар а не заштитен знак на Македонија
Во година на јубилеј – 65 години од постоењето, Струшките вечери на поезијата (еден од ретките културни брендови по кои Македонија е препознатлива во светот), се соочуваат со прашањето како да се зачува значењето и угледот во светот, дома и во очите на Министерството за култура кој го одредува буџетот на годишно ниво.
Сонот на секој странски поет да го поканат во Струга, стана хорор „будење“ за организаторите, како со намален буџет од седум и пол милиони денари, ист како во 2000-та (120 илјади евра), да се покријат трошоци како за 2026 година, а да се задржи квалитетот.
Како постепено државата го изгуби интересот за најстариот (во континуитет) и меѓународно препознаен поетски фестивал, кој го водат директори од Струга, а не од Скопје, како што се инсистираше во културната фела? Како на помалку значајни манифестации им успева да добиваат поголеми пари од државата, а на СВП, со непроценливо значајна мисија за Македонија – не?
Фестивалот е еден од ретките настани од Македонија со долгорочен глобален углед. Добитниците на наградата „Златен венец“ се светски познати поети, меѓу нив и нобеловци (Јосиф Бродски, Шејмас Хини, Еуџенио Монтале… или Маргарет Атвуд, добитничка на Букеровата награда) што ја позиционира земјата на мапата на светската книжевност. Преку фестивалот, Македонија гради врски со други земји. Поетите што доаѓаат стануваат неформални „амбасадори“ на македонската култура во светот.
Настанот го афирмира македонскиот јазик и литература. Во малите земји, ваквите платформи се клучни за одржување на културниот идентитет.
Фестивалот постои со децении и е дел од културната меморија на државата. Им дава видливост на македонските поети и создава простор за нивна афирмација, вмрежување и развој.
И не помалку важно, за Струга и околината фестивалот носи посетители, внимание и економска активност.
Друго е прашањето, дали, во наплив на други нови поетски фестивали низ светот со поголем буџет и интересна програма, гламурот и посебната атмосфера на фестивалот, кој пред 20 години беше број 1 во светот, почнаа да бледнеат?
Има и мислења дека по „бркањето“ на лауреати од далечните земји, ја запоставивме Европа. Дали во тоа улога има и тоа што македонската поезија не го врати сјајот што го уживаше на почетоците на фестивалот, од далечната 1961 година?
Одговорот е повеќеслоен и не се сведува само на „помал квалитет и адаптација на новото време“. Причината е и во културните навики (публиката денес повеќе консумира визуелна и дигитална содржина, додека поезијата бара концентрација и време), слаба медиумска покриеност (во минатото фестивалот беше голем настан во медиумите – кои и самите беа големи во тоа време, денес добива помал простор во однос на други настани…), фестивалот долго време ја задржува традиционаланата форма. Иако и тоа е вредност, дел од публиката очекува нови формати – интерактивни настани, дигитални платформи, мултимедија.
И перцепцијата за елитизам, не му „помага“ на СВП: Поезијата на особено вакво високо ниво, често се доживува како „тешка“ или недостапна за пошироката публика.
Најновиот потег на организаторите, годинава да го сменат традиционалниот датум на одржување – на крајот на август, со одржување на крајот на јуни, заради привлекување на нова публика и заштеди во период пред сезона, наиде на лош прием во културната фела и во јавноста.
„Ако постои некаде библиски небесен рај, со идеална убавина, тогаш едно негово овоземно катче е овој град“ – запиша еден од многубројните странски учесници, заминувајќи од Струга.
Таа е на патот да биде и во оние што допрва ќе ја видат.