Скриениот дефицит ја турка Владата кон брз ребаланс на буџетот

Колку и да сака Владата да крие од јавноста, таа многу брзо ќе мора да се соочи со реалноста. Главната грижа на Владата не е дали, туку за колку ќе биде пробиен првобитно планираниот дефицит и како ќе биде прикажан во јавноста


Државата повторно се задолжи. Овој пат, 260 милиони евра. Ништо посебно и ништо чудно, се навикнавме. Наместо за суштината, партиите како на лицитација се наддаваат кој повеќе во свое време го зголемил јавниот долг.

За лицитаторите, едно потсетување. Спиралата на раст на долгот се откачи 2009 година, кога се прекинаа преговорите со ММФ од властa предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Потоа СДСМ го ѕидаше долгот. Актуелната власт континуирано го надградува.

Нема корист од доминантност во расправата за тоа кој повеќе во минатото ја задолжи државата. Тоа е добро колку да се има предвид при наредни избори. Суштината на расправата треба да се насочи за што и како ќе се наменат парите од новото задолжување и дали некој има план  да го стави задолжувањето под контрола или плафонот постојано ќе се подигнува.

Одговорна власт, при барањето за ново задолжување, прво ќе дадеше отчет за реализацијата на унгарскиот кредит. За да ѝ  се верува на Владата во аргументите за новото задолжување неопходно е јавноста да биде информирана колку унгарскиот кредит ги  поттикна општините во изградба на инфраструктурни објекти. Потоа, кој е ефектот за македонското стопанство преку кредитирање на претпијатијата и дали само половина од кредитот се искористи за буџетска подршка.

Ако се знае дека општините не завршиле ни половина од договорените проекти кои треба да се финансираат од кредитот, ако се крие од јавноста со колку пари се кредитирани претпријатијата, тогаш нормално е да постои сомнеж дека најголем дел од кредитот е за општа подршка на буџетскиот дефицит. Тоа значи  дека проектите по општините ќе се исплаќаат од ново задолжување, а дел од парите за стопанството се потрошени за буџетска подршка.

Колку и да сака Владата да крие од јавноста, таа многу брзо ќе мора да се соочи со реалноста. Имено, самите претставници на Владата прилично рано ја наметнаа темата за ребаланс на буџетот на државата. Што е тоа што ја тера Владата да подготвува ребаланс на буџетот уште во првата половина од годината?

Според законот за буџети, ребаланс се донесува во случај на позначајни прераспределби на одобрените средства или пак доколку значително потфрли реализацијата на приходите и другите приливи планирани во буџетот.

Доколку се следат изјавите на клучните владини претставници и расправата за последното задолжување, ниеден нема кажано дека има проблем во реализацијата на буџетските приходи, освен министерката за енергетика. Нема ниту некое навестување дека ќе се врши таква прераспределба на расходната страна која треба да предизвика ребаланс на буџетот.

Владините претставници дури се фалат со извонредната кондиција на буџетот. Посебно се потенцираат капиталните расходи. Реализацијата во првите три месеци гледано низ процент на реализација е за пофалба. Но во април има драстичен пад. Што толку се градело во зимата? Кој ефект го постигнале капиталните расходи, односно што сме добиле за вложеното? Која е ефективноста на потрошените пари? Тоа треба да го покаже структурата на капиталните расходи. Дали договорот со „Бехтел и Енка“ (кој од сегашнава власт порано беше квалификуван како „крајно коруптивен“) е со најголемо учество. Дали најсомнителните набавки на општините од унгарскиот кредит, кои во голем дел смрдат на коруптивни, ги зголемија капиталните расходи. Дали се тие причината за зголемување на задолжувањето на државата или пак тие се камуфлажа за недостатокот на пари за финансирање на редовните обврски на државата, кое ќе има само привидно позитивно а во стварност задолжување со лош одраз. На крајот, дали зад повисоките капитални расходи во првите три месеци се крие дека вистинскиот дефицит минатата година е повисок од официјално прикажаниот.

Се насетува дека главниот фактор за ребаланс треба да се бара во реализацијата на дефицитот. Според најновите податоци, дефицитот на буџетската сметка е реализиран со 75 проценти од планираниот. За првите пет месеци е 29  милијарди денари (460 милиони евра) од планираните 39 милијарди денари.

Неплатените доспеани обврски ја откриваат лажната слика во водењето на буџетската политика на владата.

Анализата на ЕСПЕО-то од минатата година покажува дека во септември 2025 година доспеаните а неплатени обврски на буџетските корисници од прва и втора линија изнесуваат милијарда и 300 милиони денари. За само три месеци, во декември,  тие пораснуваат на три милијарди. Ако на ова се додадат неплатените обврски кон општините кои произлегуваат од договорите со одделни министерства тоа сигурно ќе надмине три и пол милијарди денари. Само по себе ова покажува дека буџетскиот дефицит минатата година не бил нешто над 41 милијарди туку 45 милијарди денари, што повлекува и повисока стапка во однос на БДП.

Ако се има предвид дека во првите три месеци од оваа година доспеаните а неплатени обврски на буџетските корисници се над две милијарди денари значи фактичкиот дефицит е поголем од прикажаниот. Доспеаните обврски на општините од договорите потпишани со владата за инфраструктурни проекти се исто така прикриен дефицит на државниот буџет.

Владата при ребалансот нема простор за маневар во расходите со политиката која сега ја води. Според трезорскиот извештај за април, до крајот на годината за социјалните трансфери се потребни над 138 милијарди денари. За отплата на задолжувањата потребни се 40 милијарди денари. Резерва има кај платите доколку се престане со „,трупање“ на администрацијата и во ставката други трансфери, но во Владата најмалку размислуваат на таа тема.

Од тука главната грижа на Владата не е дали, туку за колку ќе биде пробиен првобитно планираниот дефицит и како ќе биде прикажан во јавноста.

Можни се следните сценарија:

Две  со помала веројатност:

1. Со ребалансот да се зголеми дефицитот. Но таа варијанта е помалку можна со оглед на агресивната кампања на премиерот дека буџетот е во добра кондиција, но и тешкотијата за изнаоѓање на кредитори во странство, освен приватни комерцијални со високи цена на чинење.

2. Да има нешто поголеми приходи од ДДВ заради високите цени на горивата и поскапувањата кои ќе ги предизвикаат. Но тоа е помалку предвидливо бидејќи зависи од состојбите на Блискиот исток.

Најверојатно Владата ќе  примени испробано сценарио кое се состои:

1. Ненавремено враќање на ДДВ на претпријатијата и одложување за следната година

2. Кон крајот на годината во последниот квартал да не ги плаќа доспеаните обврски кон субјектите кои побаруваат од буџетските корисници

3. Да ги префрли обврските кон општините за инфраструктурните објекти во наредна година.

Сето тоа е прикриен дефицит на буџетот кој навидум ќе изгледа розово а во стварност е со долгорочни последици врз буџетот на државата, а преку тоа и на стопанството.

Како и да е со ваква структура на буџетот долгот само ќе се зголемува, вината ќе се префрлува од една на друга партија, а цената ќе ја платат граѓаните.

(Слободан Најдовски е економски аналитичар)