„Марковски компани“ ги демонтирала погонските станици од „Осломеј“ и не ги монтирала во РЕК „Битола“, стои во вештачењето на обвинителството
Опремата која била донесена била расфрлана на шест локации на кoи воопшто нема никакви активности за ископ на јаглен и транспорт на ископаниот јаглен, стои во вештачењето до кое дојде „Независен“
БИТОЛА – Шесте погонски станици кои фирмата „Марковски компани“ на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, ги демонтирала од РЕК „Осломеј“ биле расфрлени на шест локации во РЕК „Битола“ немонтирани и надвор од употреба. Ова го покажува вештачењето на експертите ангажирани од ОЈО за судскиот процес против биснисменот Марковски, до кое дојде „Независен“.
„Во делот на извршеноста на работите согласно тендерската документација и договорот помеѓу РЕК ‘Битола’ и ‘Марковски компани’ вештите лица остануваат на наодот и мислењето дека на лице место биле донесени шест погонски станици од РЕК ‘Осломеј’ во двата рудници за јаглен. Опремата која била донесена била расфрлана на шест локации на кoи воопшто нема никакви активности за ископ на јаглен и транспорт на ископаниот јаглен. На сите шест погонски станици механичката и електроопремата не е монтирана и истите се надвор од употреба. Не е јасно како се определени локациите за поставување на погонските станици, бидејќи како што се транспортирани тие се оставени на забот на времето, целосно да се уништат и на крајот евентуално да се расходуваат како старо железо“, вака стои во вештачењето за потребите на Обвинителството изготвено од дипломиран машински инженер и дипломиран градежен инженер, ангажирани преку фирма за вештачење и проценки од Скопје.
Битолскиот бизнимен Борче Марковски од минатата недела е на слобода откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот. Тој веднаш замина за Србија, па во саботата се врати во Битола. Марковски даде гаранција од над 5 милиони евра. Обвинението против „Марковски компани“ и осум други лица (дел вработени во РЕК „Битола“, меѓу кои и екс-директорот Пеце Матевски, како и вработени во компанијата на Марковски) е за тендер за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК „Битола“ за сума од 1,7 милиони евра.
Правниот застапник на Марковски, прилепскиот адвокат Марјан Николоски, изминатите денови за медиумите изјави дека судскиот случај е правно неиздржан и дека Основниот суд во Струга, ОЈО Струга и Вишото Обвинителство од Битола правилно постапиле што му го вратиле пасошот на бизнисменот, бидејќи Марковски дал висока гаранција.
„Овој судски процес против Марковски не е правно издржан, сѐ што е објавено во јавниот тендер до најмало шрафче е демонтирано од ‘Осломеј’ и монтирано во РЕК ‘Битола’ и на локација предвидена и посочена од вработените во РЕК ‘Битола’. За сѐ има вештачење и ние имаме интерес судската постапка да оди брзо, да не се одолговлекува сѐ со цел да имаме еден добар исход и имотот на Марковски да биде одмрзнат, да му се исчисти името на Марковски кое неосновано е извалкано, без никаква вина“, рече адвокатот Николоски во изјава за „Независен“.
„Независен“ го праша Обвинителството за ваквиот коментар на адвокатот Николовски, од таму ни одговорија дека „коментарите на Обвинителството се содржани во обвинението и од нив нема отстапување.“
Наспроти изјавата на адвокатот Николовски, вештачењето спроведено по наредба на ОЈО Битола го вели спротивното.
Вештите лица утврдиле на лице место дека погонските станици донесени од Кичево во Битола се некомплетни и нефункционални.
„Опремата, деловите и техничките системи кои е потребно да се монтираат заради функционалност на погонските станици (погонски електромотори, редуктори, барабани, контролни односно командни кабини) се одложени на посебна локација во кругот на РЕК ‘Битола’ без истите да бидат монтирани на челичните конструкции од погонските станици заради нивно доведување во функционална состојба. Наспроти ова, во градежните дневници е наведено дека е извршена монтажа и на овие делови и склопови кои не беа констатирани при увидот“, се вели во наодот на вештите лица, со напомена дека состојбата на погонските станици наведена во вештачењето е онаа која била затечена на 29 мај 2025 година.
Понатаму во дополнителното вештачење, вештите лица наведуваат дека според рударскиот проект за новиот отворен јагленокоп Живојно не е предвидено да се преземе од РЕК „Осломеј“ поставување на транспортни станици, туку е планирана нова опрема со хидраулични и електрични багери за ископ и дампери од 60 тони за транспорт на ископаниот јаглен до одредиштата.
Вештачењето е дел од доказите доставени кон поднесениот обвинителен акт по предметот кој се води во Основниот суд Струга, откако во април годинава сите 11 судии од Основниот суд во Битола беа изземени од предметот за злоупотреба со јавните набавки во РЕК „Битола“ и „Марковски компани“, по што предметот се пресели во струшкиот Основен суд.
Апелацискиот суд во Битола оцени дека судот во Струга кој има проширена надлежност, истовремено има и доволно судии и капацитет да постапува поовој судски случај.
Пред еден месец, на 24 јуни, требаше да започне судењето во Основниот суд Струга, но стартот беше одложен бидејќи еден од обвинетите од Битола го сменил адвокатот, па тој побарал разумен рок да се запознае со обвинителниот акт.
Според изјавата за „Независен“ на доскорешниот претседател на Основниот суд Струга, судијата Вулнет Винца, пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи имал приложено гаранција во вредност од над 5 милиони евра.
Винца за нашиот медиум изјави дека „Според законот не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“, по оваа одлука судијата Винца, замина во пензија.
Од Основниот суд во Струга „Независен“ побара дополнителен одговор под кои околности му е вратен пасошот на Борче Марковски и според кои одредби судот во Струга цени дека мерките – гаранција во имот и одземен пасош – не може да бидат активни истовремено, како што во изјава за „Независен“ кажа судијата Винца, но досега одговор од Судот не сме добиле.
Почетокот на судењето за случајот Марковски е закажано за 2 септември, годинава.
Според обвинението пред три години, во 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и тогашниот директор на комбинатот Пеце Матевски, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување и злоупотреби на постапката за јавен повик.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка на јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот ‘Осломеј’ во рудниците на РЕК ‘Битола’, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“, соопшти првично ОЈО Битола.
Дополнително, како што наведува обвинителството, обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка. Минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи го „Марковски компани“ да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 1,7 милиони евра.
Борче Марковски како првообвинет и двајца вработени од неговата компанија „Марковски компани“ се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола.
Незавршената обврска, појаснува Обвинителството, ја наплаќале врз основа на лажна документација со што „Марковски компани“ незаконски се стекнала со имот од големи размери.