За шест месеци бројот на корисници на пензии зголемен за 1.876 лица, ПИОМ остварил вкупни приходи од 77,2 милиони денари


 Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа 36. седница, на која беше усвоен полугодишниот извештај за работата на Фондот во 2026 година – соопштија денеска од Фондот.

Директорот на Фондот, Никола Мемов, ги известил членовите на одборот за активностите што се преземени во изминатиот период и информирал дека во пензионерскиот дом во Аеродром е оштетен покривот од невремето што го зафати Скопје. Тој додал дека се преземаат мерки за негова санација.

– Во контекст на извештајот, Мемов рече дека во изминатите шест месеци има подобрување во остварувањето на работата на Фондот и особено во реализирањето на целта решавањето на предметите во законски утврдените рокови. Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи, го образложи полугодишниот извештај и рече дека во него се опфатени статистички податоци за остварените права од пензиското и инвалидското осигурување, финансиското работење на Фондот, општествениот стандард на корисниците на пензија, како и за остварените резултати при спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување во периодот од 1.1.2026 до 30.6.2026 година. Таа посочи дека во шесте месеци од 2026 година со остварените средства од придонесите, дозначените средства од буџетот на државата, приходите од акцизи и од другите неданочни приходи, како и пренесените средства во 2025 година во износ од 1.828,66 милион денари, Фондот остварил вкупни приходи во износ од 77.167,47 милиони денари. Вкупните расходи во истиот период изнесуваат 71.882,43 милиони денари – пишува во соопштението.

Според податоците во полугодишниот извештај, како што се наведува во соопштението, бројот на корисници на пензии во периодот јануари – јуни 2026 година е зголемен за 1.876 лица, а за посмртна помош на семејствата на 8.189 починати корисници на пензија Фондот има исплатено средства во висина од 317.621,360 денари.

– Управниот одбор на Фондот на седницата ја разгледа и информацијата за усогласувањето на пензиите и достигнатото ниво на пензиските примања во 2026 година, информацијата за достасаното ниво на развојот на ИТ-системот и достигнатото ниво на автоматизација на деловните процеси и сервиси во 2025 година, како и други информации од негова надлежност – се додава во соопштението.