Амазон годинава ќе потроши дополнителни 20 милијарди долари за зајакнување на инфраструктурата за вештачка интелигенција
Амазон вчера соопшти дека само годинава ќе потроши дополнителни 20 милијарди долари за проширување на својата инфраструктура за вештачка интелигенција, наведувајќи ги нагло повисоките цени на мемориските чипови и зголемената побарувачка за компјутерски капацитет, јавува ДПА.
Главниот извршен директор Енди Џаси на конференциска врска со аналитичари ја зголеми прогнозата на компанијата за капитални расходи на 220 милијарди долари од претходните 200 милијарди долари, додавајќи дека дури и тоа ниво на инвестиции нема да биде доволно за да се задоволи побарувачката на клиентите за ресурси за cloud computing.
Тој додаде дека дисбалансот помеѓу понудата и побарувачката веројатно ќе продолжи и во 2027 година.
Компанијата за е-трговија и технологија беше главен корисник на бумот на вештачката интелигенција преку својот cloud бизнис „Амазон Веб Услуги- АВС“ (Amazon Web Services-AWS), најголемиот светски снабдувач на инфраструктура за cloud computing.
Приходите на AWS се зголемија за 37 отсто во однос на претходната година на 42,2 милијарди долари во вториот квартал, надминувајќи ја просечната проценка на аналитичарите од околу 40,5 милијарди долари.
Џеси рече дека Амазон веќе гледа „извонредна“ побарувачка за 2028 година и дека компанијата сега верува дека AWS на крајот би можел да генерира повеќе од еден трилион долари годишен приход.
По објавувањето на кварталните резултати акциите на Амазон пораснаа за дури 10 отсто во продолженото тргување, пренесе ДПА.
Вкупните квартални приходи на компанијата се зголемија за 20 отсто во однос на претходната година на 200,6 милијарди долари.
Нето добивката скокна на приближно 62,65 милијарди долари од 18,1 милијарди долари една година претходно, иако бројката вклучува 53,4 милијарди долари добивки пред оданочување, вклучително и од ревалоризацијата на уделот на компанијата во стартапот за вештачка интелигенција Антропик (Anthropic).
Џеси рече дека трошоците за инфраструктура во моментов се зголемени бидејќи Амазон гради центри за податоци од темел. Откако ќе бидат завршени, рече тој, се очекува објектите да траат повеќе од 30 години, додека компјутерскиот хардвер во нив ќе треба да се заменува само на секои пет до шест години, пренесе ДПА.