Комерцијална банка со позитивен финансиски резултат од 45,5 милиони евра во првото полугодие годинава


Најуспешната банкарска инситуција во земјава, Комерцијална банка АД Скопје во првите шест месеци од годинава оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.798,2 милиони денари или околу 45,5 милиони евра, што е за 10,9 отсто над планиранот. Ова, меѓу другот се вели во Коментарот на неревидирани и неконсолидирани Биланс на успех и Биланс на состојба
на Комерцијална банка АД Скопје за периодот 01.01. – 30.06.2026 година, што беше објавен пред малку на Македонската берза. Со ова, продолжува повеќегодишниот тренд на одлични деловни резултати на водечката банка во земјава. 

Како што стои во делот на коментарот посветен на Билансот на успех, во првите шест месеци годинава Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.798,2 милиони денари, наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 2.960,1 милион денари, што претставува намалување за 5,5 %. И покрај ваквото намалување, сепак планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 110,9 %.

„Позитивниот финансиски резултат е остварен во услови на зголемени ризици од надворешното окружување и продолжена неизвесност на глобалните пазари. Новиот воен конфликт на Блискиот Исток и натамошните геополитички тензии предизвикаа нарушувања во снабдувањето со нафта и гас, раст на цените и влошени економски изгледи на глобално ниво. Во рамки на домашната економија, овие фактори се одразуваат преку зголемени инфлаторни притисоци и очекувања за намален економски раст, и покрај стабилната побарувачка и поддршката од јавните инвестиции“, велат од Комерцијална банка.

Од таму додаваат дека остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 6,1 % пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува намалените останати приходи од дејноста, како и помал износ на реализирани нето позитивни курсни разлики.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.336,2 милиони денари и бележат намалување од 3,3 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 2,4 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 103,5 %.

Приходите по основ на камата бележат зголемување за 3,4 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголемените пласмани во државни хартии од вредност. Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и од нефинансиските друштва како резултат на зголемено кредитирање.

Расходите по основ на камата бележат зголемување од 10,2 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,63 % на крајот од вториот квартал од минатата година, на 3,45 % на 30.06.2026 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2026 година изнесуваат 661,5 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 6,6 % како резултат на зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 110,2 %.

Фото: Б. Грданоски

Нето-приходите од курсни разлики на 30.06.2026 година изнесуваат 198,8 милиони денари и бележат намалување од 8,4 % во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 109,2 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2026 година изнесуваат 407,4 милиони денари и бележат намалување од 38,6 % во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради намален износ на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 81,9 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 30.06.2026 година изнесуваат 1.256,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 4,4 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 84,3 %.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.06.2026 година изнесува 281,3 милиони денари и бележи намалување од 10,9 % во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 315,5 милиони денари. Планот е остварен со 92,7 %.

Во делот посветен на Билансот на состојба, се вели дека вкупната актива на Банката на 30.06.2026 година достигна износ од 197.211,2 милиони денари и во однос на декември 2025  година бележи зголемување од 2,4 %.

Зголемувањето во најголем обем се должи на зголемените кредити на комитенти, зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити на и побарувања од банки. Планот е остварен со 99,9 %.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 0,3 %, во најголем обем поради намалената состојба на благајничките записи, а во помал дел и поради намалената состојба на тековните сметки во девизи на Банката во странство. Планот е остварен со 94,3 %.

Финансиските средства по објективна вредност преку Билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 392 милиони денари, се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови кои се зголемени како резултат на пазарното вреднување на уделите на КБ Инвест балансиран и паричен.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 23,6 % како резултат на зголемената состојба на орочените депозити со рочност од 3 месеци до 1 година во валути EUR, USD и AUD. Планот е исполнет со 117,8 %. Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 3,4 % како резултат на зголеменото кредитирање кај домаќинствата и нефинансиските друштва. Планот е остварен со 100,7 %.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 6,9 %, како резултат на поголем износ на запишани од достасани државни обврзници и државни записи. Планот е остварен со 110,6 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат зголемување од 18,5 % по основ на платен и капитализиран данок на промет на недвижности на дел од преземениот имот. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 169.055,6 милиони денари и бележат зголемување од 2,6 % во однос на декември 2025 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на нерезидентите и домаќинствата. Планот е остварен со 100,1 %.

Обврските по кредити изнесуваат 3.402 милиони денари и во однос на декември 2025 година се зголемени за 0,1 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Во извештајниот период се повлечени средства од кредитната линија на РБСМ (таканаречениот Унгарски кредит), наменета за компании, и од кредитната линија на EBRD GFF (Green Finance Facility), наменета за финансирање проекти кои што овозможуваат поттикнување инвестиции на МСП во високи технологии и услуги коишто ја подржуваат зелената економија во РСМ. Планот е остварен со 99,6 %.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2026 година достигнаа износ од 22.814,7 милиони денари и во однос на декември 2025 година бележат намалување од 1,1 %. Согласно Одлуката за употреба и распоредување на  нераспределената добивка од 2025 година усвоена на Собранието на акционери одржано на 27.03.2026 година, дел од нераспределената добивка од 2025 година во износ од 5.077,3 милиони денари е прераспределен во резервен фонд на Банката (1.600,6 милиони денари), 400 милиони денари се распределени во задржана добивка за инвестициски вложувања, а остатокот е исплатен како дивиденда на акционерите во мај 2026 година.

Исто така, во јануари по пат на јавна понуда се продадени откупените сопствени акции на Банката стекнати по основ на правосилно судско решение за намирување на побарувања од стечаен должник (558 акции во износ од 13,4 милиони денари), при што е евидентирана премија од акции. Планот е реализиран со 95,8 %.

Во однос на очекувањата за претстојниот период, од банката посочуваат дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2026 година се условени од сѐ уште неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент, негативните ефекти кон стапката на раст и очекуваните инфлаторни притисоци како резултат на воениот конфликт на Блискиот Исток.

Притисоците и неизвесностите во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за остатокот од 2026 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С Македонија, ММФ и Светската банка.

Очекувањата за стапката на раст на БДП според меѓународните финансиски институции се дека таа ќе изнесува околу 3 % за 2026 година, додека од страна на Министерството за финансии и Народната банка на Република С Македонија се пооптимистички и согласно последните проекции се проектирани на 3,5 %. Во однос на структурата на растот, се очекува главен двигател да остане домашната побарувачка, односно растот на бруто инвестициите и домашната потрошувачка, поддржани од порастот на кредитирањето.

Фото: Б. Грданоски

„Очекувањата се дека во текот на 2026 година банкарскиот систем ќе продолжи да обезбедува кредитна поддршка во услови на заострени регулаторни барања (зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, заострени макропрудентни показатели, зголемени обврски и стапки на задолжителната резерва во денари и во девизи, подготовки за исполнување на минималната стапка на сопствени средства и минимални обврски и нова оперативна рамка на монетарната политика)“, велат од Комерцијална банка.

Во јуни 2026 година кредитната активност порасна за 13,1 % на годишно ниво, при што кредитирањето на домаќинствата се зголеми за 12,1 %, а кредитирањето на нефинансиските друштва за 14,2 %.

Вкупните депозити беа повисоки за 9,9 % на годишно ниво, одразувајќи раст кај депозитите на домаќинствата од 10,5 % и кај корпоративните депозити од 8,0 %. За периодот 2026 – 2028 година проекциите на кредитниот раст се предвидени со релативно помала динамика, или 7,3 %, во просек, додека растот на вкупните депозити е проектиран со просек од околу 7,6 % годишно.

Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐна одржување на квалитетот на портфолиото и на изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со новата регулатива за заштита на потрошувачите, регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл., се вели во извештајот.

Инаку, во извештајниот период Банката објави повик за учество на Годишно собрание на акционери, кое се одржа на 27.03.2026 година. Составен дел на материјалите за Собранието беа и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2025 година и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2025 година.

Согласно наведените одлуки, Банката на 04.05.2026 година изврши исплата на дивидендата за 2025 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 14.04.2026 година.

Од вкупно пресметаната дивиденда за 2025 година во износ од 3.076.740.450,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 1.519.823.250,00 денари и на физички лица во износ од 1.556.917.200,00 денари. Износот на дивиденда по една акција е 1.350,00 денари, односно 135,0 % во однос на номиналната вредност на акцијата.