„Кој најавил дека ќе се укине Вториот пензиски столб?“: Мицкоски негира дека има таква најава од Владата


Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека од страна на Владата немало најави дека ќе се укине Вториот пензиски столб.

„Кој најавил дека ќе се укине Вториот столб? Јас можам да зборувам од името на Владата. Таква најава од името на Владата нема“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите при неговата посета на Клиничката болница во Битола.

Дебатите за Вториот пезиски столб се отворија кон крајот на јуни годинава, по објавување на извештајот на Државниот завод за ревизија во кој се констатираше дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена, а потоа работите дополнително се вжештија по изјавата на Мицкоски во подкастот „Каде се парите“ дека дека голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.

„Од оваа перспектива жалам што воопшто е влезено во правање на оваа реформа, имајќи во предвид дека голем дел од европските земји и членки на ЕУ имаат само еден столб. Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат, да бидам прецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешна перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни“, рече Мицкоски.

На оваа линија беше и објавата на платформата Икс, од страна на гувернерот на Народната банка Трајко Славески, кој сподели негово интервју од 2024, во кое вели дека пензиите на 70 до 80 отсто од осигурениците во вториот пензиски столб би можеле да бидат пресметани под законски утврдениот минимален износ. Тој смета дека голем дел од идните пензионери нема да акумулираат доволно средства за нивната пензија од првиот и вториот столб да го достигне минималниот законски износ, при што вели дека државата ќе мора да интервенира и да префрла осигуреници во првиот пензиски столб или преку Фондот на ПИОМ да ја надоместува разликата до минималната пензија.

Тој потсети дека околу 16.500 осигуренци веќе беа префрлени во ПИОМ откако се виде дека пензиите ќе им бидат мали.

Вчера, пак, од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови, реагираа на ваквите дебати во јавноста и предупредија дека евентуалната национализација на средствата од Вториот столб нема трајно да ги реши проблемите со кои се соочува ПИОМ, односно дека може само краткорочно да донесе пари но на долг рок нема да има никакво подобрување.

Од таму посочија дека парите во вториот столб се на членовите и не може да им бидат туку-така одземени. Од асоцијацијата сметаат дека реформите во пензискиот систем треба да се одвиваат во друга насока – сузбивање на сивата економија, реално прикажување на платите и плаќање на придонесите на целиот износ на примањата на вработените, како и издвојување на лицата од пензискиот фонд, за кои државата обезбедува средства за минимална пензија.