Сцени од Германија како во сред зима: 15 сантиметри град, температурата падна од 36 на 19 степени


По силниот топлотен бран, Германија беше погодена од силни бури во ноќта од понеделник кон вторник, придружени со бурни ветрови и голем град, кој покри некои места со бело ќебе за само неколку минути.

Во регионот Хунсрик, пејзажот стана целосно бел, потсетувајќи на зимски пејзажи. Во градот Хајмбах на западот од Германија, падна град со дијаметар до 4 сантиметри, а на земјата се формираше слој мраз висок и до 15 сантиметри. За време на бурата, температурата на воздухот драстично падна за многу кратко време, од топли 36 на пријатни 19 степени Целзиусови.

Еден од жителите на Хајмбах ја опиша оваа необична ситуација за германските медиуми со допир на хумор:

„Се појави од никаде. Имаме куп кршен мраз, па ако некому му треба, слободно дојдете и земете го. Прво беше 36 степени, но сега е пријатно. Слојот мраз е висок 15 сантиметри, а сега го тргаме целиот настрана“, рече мештаните.

Силните ветрови и бури предизвикаа и сериозни проблеми во сообраќајот, пред сè во железничкиот сообраќај. Во близина на градот Швелм во Северна Рајна-Вестфалија, паднато дрво ја оштети контактната мрежа, предизвикувајќи возовите да бидат блокирани на пругите. Железничкиот сообраќај беше привремено прекинат и на делницата помеѓу Дортмунд и Витен.

Според најавите на Германската метеоролошка служба (DWD), опасноста од силни бури се заканува и во остатокот од неделата. Сепак, во некои делови од земјата, температурите ќе продолжат да се искачуваат близу 40 степени Целзиусови, додека поцелосно и стабилно заладување се очекува само во среда и четврток.