Стејт департмент затвора пет дипломатски мисии во странство


Американскиот Стејт департмент го извести Конгресот дека планира да затвори пет дипломатски мисии во странство, соопштија денеска извори.

Во известувањето испратено кон крајот на минатата недела до одредени конгресни комисии, беше наведено дека САД планираат да затворат канцеларии во Сент Џорџ (Гренада), Нагоја (Јапонија), Медан (Индонезија), Дуала (Камерун) и во Винипег (Канада), објавија британските медиуми, повикувајќи се на изворите кои зборуваа под услов на анонимност.

На почетокот на минатата година, во текот на првите месеци од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Стејт департментот започна подготовки за затворање на речиси десетина странски мисии, како дел од поширокиот напор за реорганизација на американската бирократија во согласност со политиката „Америка на прво место“.

Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа во тоа време инсистираше на уште поширока програма за затворање, која би можела да вклучи до 30 дипломатски мисии.

Некои претставници на администрацијата приватно тврдеа дека некои помали мисии се непотребни и финансиски непрофитабилни.

Демократите, како и некои поранешни функционери задолжени за надворешна политика и национална безбедност, предупредуваат дека намалувањето на американското дипломатско присуство, заедно со укинувањето на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), би можело да го ослаби глобалното влијание на САД и да остави простор за ривали како Кина и Русија.

Иако Стејт департментот минатата година помина низ голема реорганизација, што вклучуваше намалување на бројот на бироа и стотици работни места, во тоа време не беа затворени американски странски мисии.

Стејт департментот не ги потврди планираните затворања, но наведува дека се стреми да обезбеди ефикасно и ефективно дипломатско присуство на земјата, почитувајќи ги процедурите за известување на Конгресот.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, ги претстави мерките за намалување на трошоците како неопходни за реформа на институцијата што некои конзервативци ја сметаат за преголема и премногу бирократска.

Американската мисија во Сент Џорџ, на Гренада, има статус на амбасада, додека канцелариите во Медан, Винипег и Нагоја се конзулати, а претставништвото во Дуала е филијала на амбасадата.

Конзулатите и филијалите генерално ги претставуваат интересите на САД во региони надвор од главните градови на државите, каде што обично се наоѓаат амбасадите.

За време на администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден, САД отворија неколку нови дипломатски мисии, сите во регионот на Пацификот, каде што Вашингтон се стреми да го зголеми своето влијание во конкуренција со Кина.

Иако Кина нема функционални дипломатски мисии во Дуала и Винипег, таа има дипломатско присуство во Сент Џорџ, Нагоја и Медан.