Сеул издаде највисоко предупредување за топлотен бран
Сеул – Главниот град на Јужна Кореја денеска го издаде своето прво предупредување за „екстремен топлотен бран“, откако беше прогнозирано дека температурите ќе достигнат 38 степени Целзиусови, јавија локалните медиуми.
Корејската метеоролошка администрација соопшти дека предупредувањето стапи во сила за 11 области во Сеул, вклучувајќи ги Кангам, Сонгпа, Гансео и Гванак, пренесува новинската агенција Јонхап.
Алармот, воведен во јуни како дел од ревидираниот систем за предупредување од жештини во земјата, се активира кога субјективното чувство за температура ќе достигне најмалку 38 степени Целзоусови или кога дневните максимални температури ќе надминат 39 степени Целзоусови.
Долготрајната жештина ги зголеми здравствените ризици ширум градот. Владините податоци покажуваат дека вчера биле пријавени 18 случаи на заболувања поврзани со топлотниот бран, со што вкупниот број во Сеул од средината на мај порасна на 185, вклучувајќи и два смртни случаи.
Како одговор на тоа, градската власт на Сеул соопшти дека активирала итни мерки, кои вклучуваат прскање на патиштата со вода за намалување на површинските температури и проширување на заштитата за ранливите категории жители, особено оние кои живеат во тесни и пренаселени домови.
Околу 4.000 објекти, вклучувајќи заедници на граѓани, центри за стари лица и социјални центри, се одредени како засолништа за разладување.
Министерството за внатрешни работи исто така испрати итни СМС-пораки со кои ги повикува жителите да избегнуваат непотребни активности на отворено, да одржуваат хидратација, да одмараат на ладни места и да ги проверуваат своите блиски додека траат екстремните жештини.