Одбиена жалбата на руската новинарка Федорова за протерувањето од Франција поради пропагирање на политиката на Кремљ
Париз – Управниот суд во Париз вчера ја отфрли жалбата на руската телевизиска коментаторка Ксенија Федорова против одлуката на француските власти да ја протераат од земјата поради ширење пропаганда на Кремљ, објави France24.
Федорова беше раководител на француската редакција на руската државна телевизија RT, која беше забранета во Франција во 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина.
Француските власти предупредија на влијанието на Федорова пред француските избори следната година, кога крајната десница, која се чини дека е поддржана од Москва, ќе се обиде да ја освои претседателската функција.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуне, ја обвини Федорова за ширење руска пропаганда за да ги поткопа „фундаменталните интереси на нацијата“, а шефот на дипломатијата, Жан-Ноел Баро, ја нарече „агент на влијание“.
Првостепената одлука за протерување на Федорова беше донесена на 29 јули, заедно со замрзнувањето на нејзиниот имот во Франција.
Федорова (45) ваквата одлука на судот ја нарече „цензура“.
Според образложението во второстепената одлука на Управниот суд во Париз, оваа поранешна новинарка не успеала да докаже дека нејзиното протерување од Франција ќе предизвика „сериозни лични последици“.
Нејзиниот адвокат Емануел Пивница ја објави жалбата на Федорова против оваа одлука и рече дека таа не е во Франција и нема да се врати во земјата, освен доколку депортацијата не се одложи или одлуката не се промени.