Македониумот зад решетки
Фотографиите со металните решетки на галериите со витражи на чудесниот споменик ја згрозија пошироката и стручна јавност и го отворија прашањето како државата се грижи за своето културно и национално наследство
Прво протекување. Сега решетки. Привремена заштита или симбол на институционален неуспех? Што се случува со Македониумот во Крушево, не само архитектонско и историско богатство на надморска височина од 1.320 метри , туку и место за почитување на храброста и жртвите на македонскиот народ во борбата за слобода и непокор?
Фотографиите со металните решетки на галериите со витражи и стакла на споменикот од прва категорија, како мерка поради протекување и безбедносен ризик, ја згрозија пошироката и стручна јавност, и отворија низа прашања за начинот на кој државата се грижи за еден еден од најзначајните споменици на современата македонска архитектура.
„Вистина е, за жал, во живо изгледа уште полошо“, вели поранешниот градоначалник на Крушево Томе Христоски за „Рацин“, кој додава дека за прв пат пред платото на Гумење е поставен синџир и се наплаќа влезница.
„Запрепастена сум од кокошарников на галериите… многу креативно! Среќа што авторите не се со нас. Не сум за ништо известена, запрепастена сум“, вели револтирано Лира Грабул, наша врвна уметница и професорка по уметност. Таа е ќерка на Јордан и Искра Грабул, автори на Македониумот во Крушево, во чија сопственост се авторските права на ова уметничко дело, еден од најпознатите македонски објекти во светот.
Реакциите главно се фокусираат околу нарушување на идентитетот и автентичноста на споменикот, изграден 1974 година, кој во ноември 2025 година е прогласен за културно добро во опасност. Состојбата со години се влошува како резултат на надворешни атмосферски влијанија, протекување и влага. Последните зафати се извршени 2016 и 2017 година, а за интервентната заштита се издвоени 5,5 милионi денари (околу 90.000 евра).
Работите околу заштитата се изведува под стручен надзор на прилепскиот Завод и музеј и треба да завршат до крајот на месецов пред празникот 2 Август-Илинден, а металната конструкција ќе биде поставена на вкупно 8-те галерии со стакло и на галериите со витраж од надворешната страна на првото и на второто ниво од споменикот.
Директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска уверува дека станува збор исклучително привремена мерка за заштита, која во никој случај не претставува трајно решение за овој споменик на културата. Проектот поминал низ Национален конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство.
Дали поставувањето решетки е доволен одговор на проблемот со Македониумот или само уште еден показател дека со години изостанува системска грижа за споменик од прва категорија?
Да потсетиме уште еднаш дека Споменичкиот комплекс е дело на скулпторот Јордан и архитектката Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Неговата футуристичка форма, која се споредува со вселенски брод, се состои од купола со осум големи овални прозорци, изработени од витражи. Внатре се наоѓа гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република.
Споменикот се состои од :
„Раскинати синџири“: серија скулптури кои симболизираат ослободување.
Крипта: со врежани имиња и настани поврзани со Илинденската епопеја.
Амфитеатар: украсен со шарени мозаични панелни композиции.
Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Architecture & Design) го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Architectural Digest) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Случајот со Македониумот отвара дебата за одговорноста на институциите, интервентните процедури и авторските права, но и дилеми за заштитата на културното богатство со кое се фалиме со полна уста и со кое сме најсилни пред светската културна јавност, а во реалноста се случува спротивното.
Слично нешто се случува и со Универзалната сала во Скопје, која по пожарот во 2024 година остана само со метална конструкција, и чие реновирање тешко оди по низа одлагања од административни и законски процедури, а е носител на проектот „Скопје културна престолнина на Европа“ во 2028 година. Или случајот со Курбиново и проблемот со настрешницата на црквата „Свети Ѓорѓи“ од 12. век која била на приватен имот. Наводно, проблемот бил пред решавање, но помина долго време па под опасност е реставрацијата на фрескоживописот.
Заводот и музеј од Прилеп вели дека „дури по реализација на непосредната заштита на конзерваторскиот проект, ќе може да се коментира за успешноста на неговата реализација“. Непосредната заштита најдобро се решава со решетки. Со типли и долги завртки со кои се оштететува градбата.
Симболот на борбата за слобода на Македонија е зад решетки.