Ароганцијата на (не)моќта

Ароганцијата станува опасна кога престанува да нѐ шокира. Кога веќе не реагираме на безобразен одговор или однос


Некаде по патот во Македонија почнавме да ја мешаме самодовербата со ароганцијата, авторитетот со безобразлукот, а јавната функција со лична привилегија.  И најстрашното не е што има арогантни луѓе. Такви имало секогаш. Најстрашното е што ароганцијата почнува да личи на системски јазик на моќта. Од (висока) функција до институција. Од политичарот, портпаролот, до човекој кој добил моќ да одлучува кој ќе настапи, колку ќе чини и што јавноста смее да праша.

Прашањето веќе не се доживува како право на граѓанинот или новинарот. Се доживува како напад или провокација. Наместо одговор, често следува потценување, иронија, нервоза или директна навреда. Како граѓанинот да направил нешто непристојно затоа што прашал. А токму тука почнува проблемот. Во нормално демократско општество, јавната функција не е имунитет  од критика. Напротив. Колку е поголема моќта, толку поголема треба да биде одговорноста.

Премиерот не е сопственик на државата. Министерот не е сопственик на институцијата. Градоначалникот не е сопственик на општината. А организаторот на јавен настан со државни пари не е сопственик на јавноста. Сите тие, на различни начини, работата во простор што постои затоа што постои јавност: граѓани, публика, институции, медиуми, даночни обврзници. И затоа прашањето не е непријателство. Прашањето е демократија. 

Особено симптоматично е кога истиот однос ќе го видиме и надвор од политиката. И кога јавноста ќе праша за трошењето на нашите пари, одговорот не смее да биде „Што се мешате?“ Зашто јавноста не се меша. Јавноста прашува за јавни работи. А човек кој има моќ да одлучува мора да има и доволно достоинство да објасни.

Арогацијата станува опасна кога престанува да нѐ шокира. Кога веќе не реагираме на безобразен одговор или однос. Кога велиме: „Таков е тој“  или „Му се може“. Кога слегнуваме со раменици и продолжуваме понатаму. Тогаш ароганцијата победила. Зашто нејзината крајна цел не е да нѐ навреди. Нејзината крајна цел е да нѐ убеди дека немаме право да прашуваме. А граѓанин кој престанал да прашува е најудобниот граѓанин за секоја власт.

Можеби затоа денес сѐ почесто чувствуваме дека постојат две Македонии. Едната е онаа што плаќа, онаа што гласа, онаа што купува билет, онаа што прашува. А другата е онаа што одлучува, што потпишува, што организира, што објаснува кога таа сака. И помеѓу тие две Македонии расте една невидлива дистанца. Не само политичка. Човечка. Затоа што граѓанинот не бара секогаш да биде во право. Бара да биде третиран со почит.

Не е проблемот во една влада, ниту во еден организатор. Проблемот е во културата на однесување. Културата во која функцијата се доживува како статус. Во која критиката се доживува како навреда. Во која транспарентноста се доживува како непријатност. Во која сите што бараат одговор од јавен интерес стануваат „лешинари“, „талог“,  „глодари“, „идиот“… Во која граѓанинот што бара отчет станува „негативец“. И во која оние што имаат моќ почнуваат да веруваат дека самото поседување моќ им дава право и на последниот збор.

Не им дава. Демократијата не се брани само на избори. Се брани  и со едно обично прашање: „Кој одлучи и колку чини?“ И со уште поважно барање. „Одговори ми. Јас имам право да знам. Јавноста има право да знае“.