„Безбеден град“ го полни буџетот, дали ќе ги избрка туристите?

Никој не е против системот за поголема безбедност во сообраќајот. Впрочем, податоците од неговата примена говорат сами за себе. Но, тоа не е оправдување за грдите слики на граничниот премин Табановце, на редиците на несносните летни горештини и дополнителните непријатности за семејствата кои се принудени да чекаат во зовриените автомобили


Нов ден, нови искушенија на граничните премини од Македонија кон соседните земји, поради смената на туристите, а на Табановце во правец кон Србија и поради наплатата на казни за сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“ или „Безбедна држава“, што почна да се ефектуира за странските државјани од 19 овој месец.

Какви сцени ќе има може само да се претпостави, во можеби најтоплиот ден годинава. За денеска и кај нас и во соседна Србија е вклучен црвен метеоаларм поради очекуваните температури од 40 Целзиусови степени кои на жештината на асфалтот на граничниот премин сигурно ќе бидат и многу повисоки и понепријатни.

Странските туристи, од кои најмногубројни се српските кои најчесто транзитираат кон Грција, во средата наместо традиционалното „Благодариме на посетата, дојдете ни повторно“, на излез од Македонија ги чекаше студен туш. Но, и потенцијален колапс за многумина возачи и нивните семејства, меѓу кои и мали деца, што се враќаа од море. Имено, од 19 август започна да се применува новиот механизам за санкционирање на странски возачи преку системот „Безбеден град“, кои домашните веќе го „сварија“ и се навикнаа да плаќаат казни за пречекорување на дозволената брзина или за некој од другите прекршоци опфатени со овој систем.

Но, за странците ова беше големо изненадување кое што предизвика и голем револт, особено што без некоја посебна најава, оние кои направиле прекршок, при враќањето дома (и „исцедени“ финансиски) мораа да платат неколку десетици евра, па и поголеми суми, за да можат да го продолжат патот.

Ретроактивната примена (се наплатуваа и казни за направени прекршоци не само овој месец, туку и претходните) создаде дополнителна гужва на граничниот премин кој во летниот период и онака е пренапрегнат, па долгите чекања, дури и од неколку часови, не се невообичаени.

Како функционира овој систем на граничниот премин Табановце?

Како што објаснуваат српските медиуми, при читање на регистарски таблички на самата граница, засега само на граничниот премин Табановце, паметниот систем ја проверува базата на податоци за милисекунда. Доколку возачот направил сообраќаен прекршок при транзит или во текот на претходните месеци, (прекршоците се проверуваат ретроактивно почнувајќи од 1 февруари оваа година), системот веднаш ја известува граничната полиција. 

Граничната полиција веднаш го одвојува идентификуваното возило од конвојот.

Службеникот ги зема документите и го упатува возачот на посебен шалтер.

На шалтерот се скенираат документите и се внесуваат информации за возачот, вклучувајќи телефонски број и е-пошта.

Возачот добива линк на својот телефон или е-пошта преку кој казната мора да се плати со картичка преку интернет.

Само по потврда за успешно плаќање, полицијата ги враќа документите и возачот може да го продолжи патувањето.

Правилата се јасни и неселективни. Тие впрочем им беа познати барем на туристите од соседството, особено оние кои се вклучени на некои од фејсбук групите каде што опширно и детално се известуваат за сите аспекти на патувањето кон и од Грција. Имаше и неколку акции на границата каде што се делеа флаери. На 1 јули на Табановце беа министрите за внатрешни работи на двете земји, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, каде што ја промовираа заедничката превентивна кампања „Вози одморен“, чија цел е подигнување на свеста на возачите за помалку несреќи предизвикани од замор на патиштата. Притоа беа прашани и за казните за српските граѓани во рамки на “Сејф сити“, при што Дачиќ во негов стил, малку зајадливо рече дека тој би ги казнувал двојно повеќе, иако сосема не беше јасно дали се однесува на соодветен „реципроцитет“  кој би бил воспоставен на српската страна или за туристите кои транзитираат низ Македонија и возат над дозволеното.

Сепак, сликата која што деновиве ја гледаме на Табановце на излез кон Србија, не е воопшто пријатна и секако не оди во прилог на создавање претстава за нашата земја како  благонаклона кон странските туристи. Впрочем и реакциите на засегнатите се прилично остри, не поради неопходноста да се плати соодветна казна доколку некој направи сообраќаен прекршок (за тоа е свесен секој возач, кај нас или било каде во светот), туку најмногу поради нашата типична неорганизираност, за начинот на кој што спроведува наплатата, неинформираноста на туристите, па и изборот на тајмингот (среде најголемите гужви и горештини) за профункционирање на системот за наплата на казните. Дури и апликацијата, која им овозможува на странските туристи да проверат онлајн дали се на списокот на казнети и да ја платат санкцијата преку интернет, беше објавена откако револтот еруптираше. 

Дали незадоволството кај туристите е моментално, или ќе потрае, ќе се види веќе во септември и во наредните сезони. Ако додржат на она што го изјавуваат многумина пред камери и во коментарите на социјалните мрежи, дека во иднина ќе ја заобиколуваат Македонија, може да излезе дека „Сејф сити“ еднократно го наполнил буџетот, но долготрајно ги испразнил македонските патишта и можноста да се наплатат повеќе пари од патарини или од краткотраен престој во земјава, во Охрид, Дојран, Крушево или во други места.

За илустрација, според податоците од ЈПДП, од почетокот на годинава заклучно до јуни од наплата на патарина во државава инкасирани се рекордни 1.919.775.277 денари (над 31 милиони евра). Во споредба со минатата 2025 година наплатени се 21.891.532 денари (356 илјади евра) повеќе,

Неинформираноста на туристите од други подалечни држави, пак, веројатно дополнително ќе ја влоши сликата за нашата земја како туристичка дестинација, што е спротивно на заложбите за привлекување повеќе странски туристи, за што се вложуваат и значителни напори и средства.

Секако, никој не е против системот за поголема безбедност во сообраќајот. Впрочем, податоците од неговата примена говорат сами за себе – регистрирани се над 120.000 прекршоци во првите пет месеци, а бројот на жртви во сообраќајот е намален за дури 40 проценти. Неговото (најавено) проширување на целата земја преку проектот „Безбедна држава“ ќе има уште поголеми позитивни ефекти.

Но, тоа не е оправдување за грдите слики на граничниот премин Табановце, на редиците пред шалтерите за наплата на несносните летни горештини и дополнителните непријатности за семејствата кои се принудени да чекаат во зовриените автомобили. Државата треба да го наплати своето, но истовремено треба да ги запознае што е можно повеќе оние кои ги плаќаат казните и да овозможи тоа да се одвива колку што е можно „помазно“ и побрзо, а исто така и да им приложи соодветни докази за направениот прекршок, што беше една од забелешките на туристите дека плаќаат без да знаат што конкретно згрешиле. 

Тоа, како што се тврди, е надминато со апликацијата за онлајн плаќање, но секако и таа требаше соодветно и навреме да биде промовирана од страна на надлежните.

Информацијата плус никогаш не е одвишна, особено кога станува збор за луѓе кои прв пат или периодично доаѓаат во земјава и не се запознати детално со новините кои што се преземаат за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

За среќа, и во српските медиуми и на социјалните мрежи има и разумни коментари со кои не им се советува на туристите да користат алтернативни рути. Или, во најмала рака ги информираат тамошните возачи дека сличен систем функционира и во Бугарија и дека таму кзните се дури и  построги. И во Грција казнувањето на сообраќајните прекршоци е строго, дури стигнуваа информации за одземени таблички од возилата, за долгите процедури за плаќање на казните, и за други непријатности на кои може да наидат оние кои што престојуваат во оваа земја.

Така што, од тој аспект, Македонија не е исклучок, но сепак, неподелено е мислењето дека како и во многу други ситуации и овој пат, не се покажавме во најдобро (организациско) светло. А, дополнително, не се без основа и поплаките за состојбата на нашите патишта, на лошата сигнализација, нејасните и избледени сообраќајни знаци за ограничување на брзината, што дополнително ги доведуваат во недоумица дури и искусните возачи.